Секоја втора германска фирма има проблеми во пополнувањето на слободни работни места. Најпогодени се градежништвото и индустријата, но тесни грла има насекаде.
Ситуацијата со недостиг од квалификувани работници во Германија останува напната, покажува нова анкета. Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) денеска ги објави резултатите на анкета според која во целокупната економија остануваат непополнети 1,8 милиони работни места. „На овој начин според проценките е загубена додатна вредност во висина од 90 милијарди евра оваа година, што изнесува повеќе од два проценти од Бруто домашниот производ на земјата”, истакнува експертот од ДИХК, Ахим Деркс.
Позитивно е што ситуацијата е малку подобрена во однос на јануари годинава, кога стануваше збор за непополнети два милиони работни места и потенцијално изгубена создадена економска вредност од речиси 100 милијарди евра.
Состојбата на почетокот на годината беше уште покризна поради тогашните значително повисоки цени на енергијата, но постои структурален недостиг од квалификувана работна сила кој нема да исчезне ни во следните години, подвлекува Деркс. „Вештачката интелигенција за многу фирми е шанса за затворање на ’дупките’. Освен тоа, потребно е доселување на работници. Клучно кај новиот закон за полесно доаѓање на стручњаци до работа во Германија е неговата примена. Доколку тој овозможи доаѓање на 50.00 до 70.000 квалификувани работници од странство, веќе би бил успех“, вели Деркс.
Потребата од стручна работна сила од странство се проценува често на околу 400.000 годишно, но според експертите, тоа е можно само постепено.
ДИХК до податоците дошла преку анкета спроведена во 22.000 фирми. Според резултатите, без оглед на стагнацијата, секоја втора фирма има проблеми да ги пополни слободните работни места. – Кај претпријатијата кои имаат краткорочна потреба од работници, тоа се дури 78 проценти.
Засегнати се сите бранши, а најмногу градежништвото и индустријата. „Некои бранши јавуваат не само за дупки кај вработувањето квалификувани работници, туку и за општ недостиг од работна сила“, вели Деркс. Дури 82 проценти од анкетираните очекуваат негативни последици за претпријатијата, 40 проценти сметаат на ограничена понуда или загуба на порачки и договори.
Мнозинство од 55 проценти од анкетираните можат да си претстават да вработат луѓе од трети држави, односно надвор од ЕУ, а највисоко на листата на желби се курсеви за германски јазик и поедноставување на постапката. „Чекањето на термин за виза со месеци, документи заглавени по пошта, недостиг од партнер за разговор во службите за странци, сето тоа мора да остане во минатото“, истакнува Деркс.