Оваа година, секој населен континент беше под влијание на тешките метеоролошки настани поврзани со времето
Десетте најтешки катастрофи во 2018 година, поврзани со климата, предизвикале штета од најмалку 84,8 милијарди долари, изјави хуманитарната организација Christian Aid во истражување, цитирано од Ројтерс.
Оваа година секој населен континент бил погоден од катастрофи предизвикани од климатските промени и тешките временски настани, рече организацијата и предупреди дека се потребни итни мерки за борба против глобалното затоплување.
“Овој извештај покажува дека во моментов климатските промени имаат уништувачки ефект врз животот и егзистенцијата на многу луѓе”, изјави Кат Крамер од британската организација.
Според извештајот најскапите катастрофи поврзани со климата, во 2018 година биле ураганите Флоренс и Мајкл, предизвикувајќи штета од најмалку 32 милијарди долари при преминувањето во САД, од регионот на Карибите и Централна Америка.
САД, исто така, претрпеа загуби од најмалку 9 милијарди долари во шумски пожари во кои загинаа десетици луѓе и беа уништени илјадници домови во Калифорнија.
Во Јапонија поплави во текот на летото и тајфунот Џебел оваа есен нанеле штета за над 9,3 милијарди долари.
Според извештајот меѓу најскапите катастрофи поврзани со климата, во 2018 година биле исто така сушите во Европа, поплавите во Индија и тајфунот Мангхут на Филипините и Кина.
Авторите на студијата собраа податоци за обемот на штетата користејќи податоци од извори, вклучувајќи ги и владите, банките и осигурителните компании. Во некои случаи, сепак, податоците се однесуваат само на осигурени загуби и не ги вклучуваат човечките загуби.