Конфедерацијата на слободни синдикати за денеска попладне најавува протест пред Владата барајќи исполнување на нивните барања за усогласување на платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата и исплата на К-15 во јавниот сектор.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати се и против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.
Бараме усогласување на платите во јавниот сектор со покачувањето на минималната плата кое во моментот е 25 проценти. Бараме и исплата на К-15 во јавниот сектор бидејќи сме дискриминирани, а не се согласуваме и со трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Протестот е закажан во 16 часот бидејќи, како што велат од КСС, утрешниот ден е прогласен за работен.
Од КСС посочуваат дека поддршка имаат и од Европската и Светската конфедерација на синдикати. Тие, како што информираат од КСС, го поддржуваат протестот со кој се повикува на почитување на законите, колективните договори и меѓународните трудови стандарди кои ги има ратификувано Македонија, особено, конвенциите 87 и 98 од Меѓународната Организација на труд и Европската Социјална Повелба.
Протестите на КСС почнаа во јануари 2018 година во Скопје, а продолжија во Прилеп, Штип, Кичево и Куманово.