Наместо кај работниците, парите за плати од државата пак завршиле кај газдите. Дел од компаниите си продолжија со старата пракса од лани. УЈП откри дека 181 работодавач злоупотребиле над 196.000 евра од финансиската помош за исплата на плати за февруари или за март годинава. Без плата оставиле 753 работници. 24 од нив истата малверација ја примени и за двата месеци. Компаниите добиле опомени, а даночниците најавуваат присилна наплата ако не ги исплатат платите на работниците.
ВО ВАКОВ СЛУЧАЈ СЕ ПРЕДВИДУВА И ИЗРЕКУВАЊЕ НА ГЛОБА ЗА СТОРЕН ПРЕКРШОК ВО ИЗНОС ОД МИНИМУМ 500 ДО МАКСИМУМ 10.000 ЕВРА ВО ДЕНАРСКА ПРОТИВРЕДНОСТ ВО ЗАВИСНОСТ ОД ГОЛЕМИНАТА НА СООДВЕТНОТО ПРАВНО ЛИЦЕ.
Иако стигна јуни, од ланските пакети мерки, за април, мај и јуни и за октомври, ноември или декември – дури 117 газди должат 94.000 евра на 356 вработени. Лукаревска кажа дека во тек се засилени контроли кај нив. А контроли има и во фирми од текстилната, кожарската и кондиторската индустрија кај кои неправилности пријавило здружението Гласен текстилец и самите работници анонимно.
ОВИЕ КОНТРОЛИ МАЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВААТ, ЗАТОА ШТО СТАНУВА ЗБОР ЗА ПЕТГОДИШНО, ПРЕТХОДНО МИНАТО РАБОТЕЊЕ НА ОВИЕ РАБОТОДАВАЧИ КАДЕ ШТО ЈАВНА ТАЈНА Е ДЕКА ИСТИТЕ ДАВААТ ПАРИ НА РАКА ИЛИ ПРИ САМАТА ИСПЛАТА НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА БАРААТ ДЕЛ ОД РАБОТНИЦИТЕ ДА ИМ ЈА ВРАТАТ НАЗАД НА РАБОТОДАВАЧИТЕ.
Синдикатот пак бара освен парични и казни затвор од една година за газдите кои субвенциите не ги исплатиле на работниците. Бараат промена во Кривичниот законик – велат само така ќе се стави крај на овој тип на прекршување на работничките права. Здружението пак „Гласен текстилец“ ќе иницира законски измени кај глобите- не може работодавач кој што не исплатил две или три плати на стотици вработени да си помине со 200 евра казна, а работниците правдата да ја бараат на суд- велат од таму.
И најновата листа со имиња на компаниите ќе заврши кај Генералниот секретаријат кој пак треба да ја испрати до Обвинителството. Иако малверзациите со државната помош се повторуваат од лани, сепак епилог од Обвинителството се уште нема. УЈП пак за ланската помош за плати до сега веќе испратила решенија кај 2.286 фирми кои оваа година треба да ја вратат.