Идејата на владите на овие земји е создавање на моќни европски компании кои ќе се спротивстават на силната американска и кинеска конкуренција
Вкупно 19 земји-членки на ЕУ предложија ажурирање на правилата за антитруст со идеја да им се помогне на локалните компании да се натпреваруваат со американските и кинеските компании, објави Еурактив.
По состанокот на министрите во Париз во вторникот (18 декември) група од претставници на 19 земји членки на ЕУ повикаа на “нов политички поттик” за помош на европската индустрија да остане конкурентна на глобално ниво.
Како дел од новата стратегија владите на овие држави ветија дека ќе направат предлог пред новата Европска комисија (ЕК), која ќе се формира по изборите за нов Европски парламент во мај 2019 година
Една од главните идеја е “наоѓање на можност за еволуција на антимонополските правила за подобра интеракција со меѓународните пазари и глобалната конкуренција”.
Франција и Германија го одбранија обединувањето меѓу големите национални компании во последниве неколку месеци со идеја да се “создаваат силни европски шампиони”.
Комесарот за конкурентност Маргрете Вестагер изрази загриженост по повод планираното спојување помеѓу германската Siemens и француската Alstom, кој ќе се создаде голема и силна европска корпорација.
Според застапници на идејата за силни корпоративни претставници “ако земјите сакаат да се способни да се соочат против конкуренцијата на кинеските компании, ќе треба да ги здружат силите”.
Групата од 19-те земји членки на ЕУ вклучува Франција, Австрија, Хрватска, Чешка, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Романија, Шпанија и Словачка.
Во вторникот Франција и Германија најавија дека ќе ја подобрат својата индустриска соработка во три клучни области: производство на мобилни батерии, револуционерните иновации и вештачката интелигенција.
ЕК даде одобрение за создавање на сојуз меѓу Франција, Германија, Италија и Велика Британија, кој ќе го финансира со 1,75 милијарди евра за истражувања во областа на микроелектрониката.