Британската компанија „Џонсон Мети“ донираше повеќе од 23.000 евра грант на Институтот за хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Грантот ќе се искористи за модернизација на лабораторијата на Институтот, што ќе им помогне на студентите во градењето на нивните кариери по хемија и хемиско инженерство, а учениците од основните и од средните училишта ќе може да прават експерименти и да се подготвуваат за натпревари по природни науки.

Боријан Борозанов, директор на компанијата во Скопје, изјави ддека „Џонсон Мети Македонија“ е горда што продолжува да ги поддржува студентите по хемија во Скопје и Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.

-Овој проект е многу атрактивен за идните хемичари, бидејќи се фокусира на развивање на основните вештини за решавање проблеми и критичко размислување, што ќе се овозможи преку новата реновирана лабораторија, вели Борозанов.

По неодамнешните достигнувања и медали што ги освоија средношколците на Меѓународната олимпијада по хемија, годишен академски натпревар со 83 земји учеснички, тој нагласува дека развивањето млади таленти им останува главен приоритет.

-Алумните што се придружуваат денес се вистинско сведоштво за резултатите што може да ги постигне нашето партнерство, додава Борозанов.

„Џонсон Мети“ им донираше и примероци од PGM (соли на благородни метали) на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија за да придонесе во нивната колекција на оригинални хемиски елементи на периодичната табела. Овој конкретен проект е дизајниран да им обезбеди на студентите практични искуства за да помогне да се инспирира образование и кариера во иновациите и науката.

Според професорите д-р Зоран Здравковски и д-р Методија Најдоски, збирката хемиски елементи од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје е единствена според својот концепт.

-Еден значителен дел од изложените примероци, според можностите, имаат локално – македонско потекло. Оваа уникатност на збирката се совпаѓа со една од нејзините едукативни цели. Нашата заложба за зголемување на атрактивноста и едукативната вредност на оваа збирка се развива во насока во која секој изложен примерок од хемиски елемент ќе има своја приказна, на некој начин, поврзана со локално, но сепак и глобално значење. За таа цел беше направена интернет-страница во која секој примерок е претставен двојазично со физичко-хемиски податоци и информации за потеклото. Збирката хемиски елементи се развива околу девет месеци и наскоро ќе го добие својот релативно конечен изглед, велат професорите и додаваат дека во таа насока од големо значење е прилогот од примероци платина и паладиум од „Џонсон Мети“.