Во првата година од спроведување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој беше донесен лани, вкупно 184 компании поднесоа барање за користење на мерките од првиот и вториот столб, а по евалуацијата околу 100 компании потпишаа Договор за доделување на финансиска поддршка
Минатата година над 250 компании во Северна Македонија добија поддршка од вкупно 35 милиони евра преку Планот за економски развој за сите три столба, вклучувајќи ги и проектите кои добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој.
Во првата година од спроведување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој беше донесен лани, вкупно 184 компании поднесоа барање за користење на мерките од првиот и вториот столб, а по евалуацијата околу 100 компании потпишаа Договор за доделување на финансиска поддршка. Според министерот за економија Крешник Бектеши, една од главните целина Владата е да одржува континуиран дијалог со бизнис заедницата за да им излезе во пресрет на барањата на фирмите за подобрување на бизнис климата.
– Минатата година го донесовме Планот за економски раст, што се реализираше согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Прва година ја искористивме да видиме како ќе оди имплементацијата на предложените мерки и самите увидовме, а потоа и во дијалог со бизнис заедницата ги лоциравме недореченостите на законското решение, при што преминавме кон измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите – вели за весникот „Вечер” министерот Бектеши.
Како што појасни на почетокот на летото биле донесени измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Причините за измените во законот се во прв ред за да им излеземе во пресрет на барањата на компаниите, а од друга страна го проширивме опфатот на компании кои ќе можат да аплицираат за државна поддршка. Во исто време со измените беше и продолжен рокот за аплицирање до 15 октомври за да можат компаниите да имаат подолго време да ги подготват апликациите – објаснува Бектеши и дополнува дека со измените се превидува да се опфатат и компаниите од информатичките технологии, што со првичната верзија на Законот не било предвидено.
Според него Владата утврдила дека во овој сектор има сериозен потенцијал за раст, при што се вклучени и компаниите од преработувачката индустрија за земјоделски производи.
– Опфатени се и компаниите кои имаат трговска дејност, а сакаат да отворат производствен погон, и тие добиваат можност да аплицираат за државна помош, како и компаниите од градежниот сектор кои сега со законските измени можат да добијат државна помош за производствената компонента, односно набавка на машини и опрема. Компаниите, исто така, можат да аплицираат и за финансиски средства за зголемување на конкурентноста на пазарот, како и за државна поддршка за освојување на пазари и пораст на продажба, а се овозможува и еден субјект да може да аплицира за повеќе видови финансиска помош. Ги олеснивме условите за поднесување на барање и за користење на финансиска поддршка, односно воведовме можност и субјектите кои имаат извесно намалување на бројот на вработени, во последните три години, но не повеќе од 5%, да имаат пристап до средствата за поддршка согласно Законот.
Исто така, се отвора можноста компаниите кои веќе потпишале договор за финансиска поддршка да поднесат барање за измена на инвестицискиот проект со менување на барањето за доделување на друг вид на финансиска поддршка.
За оваа како што и веќе објавивме на последната владина седница, во фаза на потпишување се нови 170 договори вклучувајќи и компании од трговско-индустриските зони и една од дијаспората, преку програмите на Планот за економски раст со новите услови – потенцира Бектеши.
За оваа финансиска поддршка евалуирани се реализираните инвестиции за 2018 година, а се однесува за инвестиции за набавка на нови машини и опрема и за инвестиции во објекти и земјиште.
Вкупната вредност на инвестициите во овие 170 компании изнесува 230 милиони евра, со што се отвораат 4.577 нови работни места, од кои во 2018 година се веќе вработени 2.117 лица.