Владата најави инвестициски циклус од 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта. Стратегијата опфаќа правци во должина од 800 километри- автопати, експресни и други делници. Парите обезбедeни од буџетот и од меѓународни финансиски институции.
„Со 270 милиони евра оваа година започнуваме офанзивна изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на повеќе од 60 патни правци ширум Македонија, во должина од околу 800 километри. Со околу 20 милиони евра буџетски средства, ќе се работи на рехабилитација на регионалните патишта во должина од 230 километри“, најави премиерот Зоран Заев.
Со 86 милиони евра од ЕБОР, пак, се планира рехабилитација на 26 патишта во должина од 422 километри, со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патишта во должина од 150 километри.
Според министерот за транспорт и врски, Сугарески, ова е најобемната програма со најголем број на проекти, за подобрување на патната инфраструктура во државата.
„Практично цела Македонија ќе биде едно големо градилиште. Средствата за сите проекти се веќе обезбедени“- нагласи министерот Сугарески.
До крај на следниот месец се ветува пуштање на автопатот Демир Капија- Смоквица, до крај на септември на Миладиновци- Штип, а ќе продолжи да се работи на автопатот Кичево – Охрид, за каде е продолжен рокот за изградба до 2021-ва година.