Во 2022 година, имаше вкупно над 32 милиони бизниси во ЕУ, со 3,4 милиони отворени во истата година и 2,8 милиони затворања, според прелиминарните податоци. Ова го соопшти европската статистичка служба Евростат.

Стапката на отворање на бизнисите е 10,5 отсто, додека прелиминарната проценка за затворање е 8,7 отсто, покажуваат податоците. Во повеќето земји на ЕУ, повеќе компании беа создадени отколку затворени во 2022 година.

Највисоки стапки за започнување нова деловна активност се регистрирани во Литванија со 18,3 отсто, Португалија со 16,7 отсто и Естонија со 16,6 отсто. Спротивно на тоа, најниски стапки се забележани во Австрија – 6,2 отсто, Данска – 7,4 отсто и Италија – 7,9 отсто.

Исклучок прават шест земји, меѓу кои и Бугарија, каде што нивото на затворање претпријатија е повисоко од она на отворање.

Највисоки нивоа на затворање бизниси се регистрирани во Естонија – 25,1 отсто (во споредба со 16,6 отсто отворени нови бизниси), Бугарија – 20,6 отсто (во споредба со 10 отсто отворени нови бизниси) и Ирска – 15,6 отсто (во споредба со 12,2 отсто од новоотворените претпријатија), покажуваат прелиминарните податоци. Најниско ниво на затворање бизниси е забележано во Грција – 3,1 отсто, Белгија – 5,2 отсто и Кипар – 5,8 отсто.