Како што изјави директорот на ФИТР Јован Деспотовски, со овие 34 компании е исцрпен целиот буџет иницијално предвиден за самиот повик од еден милион евра.
Со првиот циклус од 34 компании во домашниот приватен сектор ќе се инвестираат вкупно 1,256,457.70 евра, од кои сопствени инвестициите на апликантите се 275,686.08 илјади евра, додека Фондот ќе инвестира 980,771.62 илјади евра. На реализација на проектите на овие старт ап компании ќе се ангажираат вкупно 177 лица, со просечен износ на плата од околу 25.000 денари.
Од првиот циклус 34 компании, 11 се во ИТ индустријата, додека останатите се во секторите 12 области меѓу кои биохемија, градежништво, маркетинг, земјоделие, енергетика….
„Сега имаме продолжување на трендот на балансирање на иновациските проекти во државата. По неколку повици и нашите апели и неколку повици дека иновациите се применливи во сите области, бројките од овие 34 компании говорат дека една третина се ИТ, а останатите се други дејности“, истакна директорот на ФИТР.
Од одобрените апликации, 15 компании не се постари од една година, додека 19 постојат меѓу една и шест години, при што границата од шест години старост беше еден од критериумите на овој повик.
Од овие 34 компании, 27 се микро претпријатија, додека седум се мали претпријатија. Единаесет компании се на чело со жени претприемачи, додека 23 со мажи претприемачи.
Дветнаесет компании се во Скопје, а останатите 15 во останатите градови во државава.
Според условите на повикот, Фондот може да додели до 85 проценти од финансирањето за овие проекти.
„Компаниите не го користат максималниот износ на средства за кои можат да аплицираат, така што бројките покажуваат дека Фондот доделува околу еден милион евра“, а компаниите дополнително ќе вложат околу 300.000 евра свои средства“, појасни Деспотовски.
Директорот на ФИТР рече дека комитетот за одобрување на инвестиции заклучил дека уште 30 апликации заслужуваат евентуално финансирање, со што го задолжил ФИТР во соработка и консултации со Светска банка, како финансиски партнер на повикот, да ги разгледа можностите за обезбедување дополнителни финансиски средства.
„Станува збор за уште 800.000 евра за кои се надевам дека колегите од СБ ќе имаат разбирање и ќе дадат согласност да ги дополниме на износот на повикот, така што Комитетот ќе решава дополнително за уште 30 компании во однос на можноста за нивно финансирање“, додаде Деспотовски.
Најави и дека согласно Годишната програма за работа на Фондот, новиот повик во рамки на Планот за економски раст на Владата ќе биде објавен до крајот на овој месец, поточно во сабота.
„Она што е новина во однос на минатата година е тоа што Светска банка се приклучува како финансиски партнер, така што повикот ќе биде финансиран од страна и на Владата и на Светска банка под услови коишто се, оние коишто ги презентиравме минатата година во рамки на владините политики. Она што радува е тоа што мината година имавме навистина голем интерес, речиси 300 компании доставија свои апликации, од кои околу 120, односно 130 беа успешни, на крајот и потпишаа договори, веќе реализираа реализираат инвестициски проекти во вкупен обем од над 25.000 евра, зборувам за комбинирано учество на државата со учество на компаниите што е некаде 50:50“, појасни тој.
Новиот повик, како што рече Деспотовски, би требало да трае до средината на мај, а очекува пред почетокот на летото, да имаат веќе и резултати од процесот на селекција. Планираат и во наредниот период поинтензивно присуство и презентација на можностите за финансирање надвор од градот Скопје.
Во однос на трендот на доставување апликации од страна на компании кои во сопственичката структура имаат вршители на јавни функции, Деспотовски рече дека откако се воведе задолжителната обврска при аплицирање компаниите да доставуваат изјава дали во сопственичката структура има или нема носител на јавна функција“, трендот опаѓа.
„Во овие 186 апликанти што ги имавме во рамки на овој повик, само три што имаат деклалирано носител на јавна функција во сопственичката структира и станува збор за носители на јавни функции – членови на управни одбори, на комисии на регионално и локално ниво, значи не се извикани политички имиња, како што имавме ситуација во претходниот период, појасни Деспотовски.
Истакна дека од првиот повик во рамки на планот за економски раст во 2018 година, за кој имаше реакции од јавноста, имале четири компании кои беа посочени за судир на интереси.
„Комитетот ги разгледа проценките за ризик и дополнително на последната сесија одржана во февруари годинава, побара од Фондот за тие компании да побараме мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата, со аргумент дека протоколот за проценка на ризик не бил воведен како инструмент во моментот кога се носеле одлуките во јули минатата година. Една од компаниите „Декодикс“, во меѓувреме, се повлече од аплицирање, така што станува збор за три компании кои ќе ги проследиме до ДКСК“, посочи тој.
Во рамките на јавниот повик за кофинансирани грантови за новооформени претпријатија „СтартАПувај“ што беше отворен на 22 октомври 2018 и траеше до 11 декември лани, аплицираа вкупно 186 микро и мали домашни компании.
Вкупно 91 отсто од пристигнатите апликации се претпријатија кои првпат аплицираат во Фондот.