Саудиска Арабија и останатите членки на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) би можеле да го надоместат намаленото руско производство под влијание на санкциите кои Западот ѝ ги воведе на Русија поради инвазијата на Украина, соопштиле два извори од организацијата. Москва би можела да се согласи на надомест, но одлуката може да не биде донесена на денешниот состанок и изгубеното руско производство може да не биде надоместено во целост, кажал извор од ОПЕК+ запознаен со руската позиција.

„На крајот би можел да се постигне договор за надомест“, но можеби не на состанокот во четврток, кажал. Изворот е од земја од Персискиот Залив, членка на ОПЕК+. Кажал дека е сепак „многу можно“ дека ќе биде донесена на состанокот кој почнува денес.

Русија веќе во април не ја исполни доделената квота, произведувајќи околу 9,3 милиони барели дневно, околу милион барели дневно помалку од дозволеното. Некои проценки покажуваат дека руското производство и извозот поради санкциите би можеле да се намалат и за два до три милиони барели дневно, напоменува Ројтерс.

Фајненшал тајмс јави вчера дека Саудиска Арабија е спремна да го зголеми производството на нафта ако од Русија излегуваат значително помалку барели. Се зборувало за зголемување на производството во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во многу краток рок, а одлуката треба да биде објавена наскоро, пишува лондонскиот весник повикувајќи се на дипломатски извори.

Зголемувањето на производството зацртано за септември би било поместено за јули и август, кажал изворот. Саудиска Арабија, најголемиот произведувач во ОПЕК, своевремено ги одби барањата на Вашингтон да произведува повеќе од договореното на ниво на ОПЕК+.

Ријад сега е спремен да ги исполни тие барања и да го зголеми производството за цените на нафтата да се спуштат од сегашните високи нивоа. Спремни се да го зголемат и во случај на криза во снабдувањето.

Промената на ставот во Ријад временски се поклопува со најавената посета на американскиот претседател Џо Бајден. Американски дипломати со недели ја подготвуваат првата посета на Бајден на Саудиска Арабија, која треба да ги намали тензиите поради проблемите во испораките на американско оружје, војната во Јемен и убиството на Џамал Кашоги.

Вашингтон од Саудиска Арабија и ОАЕ бара конкретни планови за зголемување на производството на нафта пред потенцијалната посета на Бајден на Ријад и учеството на самитот на земјите од Персискиот Залив, наведува Ројтерс.

Неискористените капацитети на ОПЕК не се баш големи и според некои проценки не достигнуваат ни два милиони барели дневно. „На пазарот баш и нема вишок нафта која би ја заменила потенцијалната загуба на руските барели“, заклучи аналитичарот на СЕБ Бјарне Шилдроп.