Голем дел од тргувањето со акции се чини дека е во рацете на автоматизирани купувачи и продавачи
Не е тајна дека машините заземаат се поголем удел од инвестициите, но степенот на нивното влијание достигнува шокантни пропорции. Според една голема инвестициска компанија овој удел е 80%, пишува Јун Ли за CNBC.
Пасивните инвестиции како индексни и берзанско-тргувани фондови контролираат 60% од акциите, додека квантитативните фондови, кои се потпираат на модели за одредување на трендот наместо на фундаментална анализа, одговараат веќе за 20% од пазарот, покажуваат проценките на J.P. Морган.
Поради оваа причина многу истакнати инвеститори сметаат дека сега огромен дел од трговијата со акции е во рацете на автоматизирани купувачи и продавачи, што го прави пазарот се повеќе подложен на насловите од медиумите и повеќе наклонет на нагли движења.
Основачот на “Omega Advisors”, Лион Купер, неодамна рече дека компјутерската трговија го создала Дивиот Запад на пазарот, повикувајќи на истрага од страна на Комисијата за хартии од вредност.
Извршниот директор на DoubleLine Capital Џефри Гундлах, исто така, ги критикува пасивните инвестиции, велејќи дека предизвикуваат големи проблеми со глобалниот капитал. Тој го нарече овој феномен “однесување на стадото”.
“Воопшто не сум фан на пасивните инвестиции. Всушност, мислам дека тоа стана манија откако глобалниот пазар достигна врв “, рече тој во декември.
Додека алгоритамските модели добија популарност на Волстрит, пасивните шеми со ниски трошоци продолжија да ги привлекуваат парите на обичните инвеститори.
Пасивните фондови привлекоа 39 милијарди долари од почетокот на годината, додека кај активните имаше огромен одлив од 90 милијарди долари во 2019 година, според J.P. Морган.
“Темпото на одлив од активните фондови е на цикличен врв, додека приливот кон пасивните се издигна од дното и почна да се забрзува”, коментира главниот стратег за американски акции во J.P. Морган Дубравко Лакос-Бујас.