Народната банка бира вицегувернери. Неодамна распиша јавен оглас за избор на кандидати кои ќе ги пополнат двете празни вицегувернерски позиции, едното на Анита Ангеловска-Бежовска, која пред месец и половина беше избрана за гувернер на централната банка, и второто на Маја Кадиевска-Војновиќ, чии мандат завршува кон средината на овој месец.

Освен што треба да бидат државјани на земјава и да имаат соодветна репутација, соодветно образование и професионално или академско искуство од економијата, финансиите, банкарството или правото, да не се должници во стечајна или ликвидациона постапка, да не им е изречена прекршочна санкција и забрана за вршење професија, дејност или должност, за кандидатите се бара уште еден услов.

„Да не им е изречена споредна казна забрана за добивање дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, одземање на дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, забрана за основање на нови правни лица и привремена или трајна забрана за вршење дејност од областа на финансиите и банкарството“, се вели во јавниот оглас.

 

Сите што ги исполнуваат условите можат да се пријават најдоцна 30 дена од распишување на огласот или до 12 јули, по што во рок од 45 дена гувернерката Бежовска ќе треба да пресече кои двајца од пријавените кандидати ќе ги предложи до Собранието. Вицегувернерите се бираат на предлог на гувернерот, а ги гласа парламентот со просто мнозинство, што значи дека ќе бидат потребен 61 глас. Затоа предлозите на гувернерката Бежовска ќе треба да бидат усогласени со владејачкото мнозинство, кое ќе го има последниот збор во изборот.

Засега нема информации дали и колкумина се пријавиле на огласот. Она што се знае е дека сегашната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ, има право на уште еден седумгодишен мандат. Дали повторно ќе се кандидира за оваа функција, таа за Телма вели дека конечната одлука ќе ја донесе наскоро.

„Би сакала да ја продолжам соработката со новиот гувернер на Народна банка на Република Македонија. Функцијата вицегувернер професионално и успешно ја извршував во последните седум години. Моето искуство и стекнатиот меѓународен углед и пријатели, кои воедно станаа и пријатели на Македонија, се мојата препорака. Конечната одлука ќе ја донесам наскоро“, вели Кадиевска-Војновиќ во изјава за Телма.

 

Народна банка има тројца вицегувернери, третиот актуелен Фадиљ Бајрами има мандат од уште една година.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Телма