Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај 2018 година бележи месечно намалување од 0,04 п.п. и изнесува 5,61%, додека просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од претходниот месец и изнесува 1,46%.

‒ Просечната каматна стапка на новоодобрените2 кредити во мај оствари минимален месечен пад од 0,01 п.п. и се сведе на 4,93%, додека просечната каматна стапка на новопримените депозити се зголеми за 0,33 п.п. и изнесува 1,43%.

Во мај, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор бележи месечно намалување од 0,05 п.п. Месечното надолно поместување кај оваа категорија е резултат на намалувањето кај сите нејзини компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,09 п.п. и 0,05 п.п., соодветно) и на каматната стапка на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.).

Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка забележа намалување од 0,59 п.п.

‒ Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во текот на мај, споредено на месечна основа, се зголеми за 0,08 п.п. и изнесува 4,59%. Нагорната месечна промена се должи на зголемувањето на каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,26 п.п.), во услови на пад на каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити со валутна клаузула (за 0,33 п.п. и 0,31 п.п., соодветно). Во споредба со мај 2017 година, оваа каматна стапка е намалена за 0,80 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор во мај бележи месечно намалување од 0,02 п.п. и изнесува 1,69%. Притоа, падот на месечна основа произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,03 п.п., соодветно), при раст на каматната стапка на депозитите во странска валута (за 0,02 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во споредба со истиот месец од минатата година е пониска за 0,33 п.п.

 

По намалувањето на просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во април, во мај 2018 година таа се зголеми за 0,71 п.п. и изнесува 1,39%. Зголемувањето е резултат на сите компоненти во рамки на оваа категорија: каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула, како и на каматната стапка на девизните депозити (за 0,88 п.п., 0,52 п.п. и 0,31 п.п., соодветно). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за
0,25 п.п.