Продуктивноста на работниците се намалила за 2.1% за една година, а просечните плати пораснале за 1.7%. Македонија е економски феномен – при стагнација на стопанството растат примањата на вработените. Со ова само се нарушува и онака слабата конкурентност, предупредуваат бизнисмените.

Слабата продуктивност на македонскиот работник е сериозен проблем за бизнисот. И покрај пониските плати компаниите не се доволно конкурентни за силниот европски пазар.

 

 

„Тоа е проблем за обезбедувањето на конкурентноста. Нашите компании претежно се насочени кон извоз зашто Македонија е мала и отворена економија и единствената опција за раст е наоѓањето на нови пазари надвор. Во услови кога трошокот за работна сила се зголемува без да се зголемува продуктивноста тоа значително негативно влијае на конкурентноста“, изјави Татјана Штерјова, Стопанска комора (СКМ).

Во 2017-та просечната плата пораснала за 1.7%, но во истиот период продуктивноста се намалила за 2.1%. Ова уште повеќе ја намали конкурентноста, велат бизнисмените кои објаснуваат дека дополнителен удар било зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари кое стартуваше во септември.

„Мора да работиме на продуктивноста што само по себе ќе доведе до зголемување на платите. Тогаш нема да биде проблем ни минималната плата па државата да треба да ја стимулира туку самите фабрики и самите работодавачи ќе можат тоа да го покријат кога ќе имаат добри резултати“, вели Александар Милошевски, Сојуз на стопански комори (ССК).

 

 

 

 

 

Извор: Денар