Интегралното интервју кое го изведе Радио Слободна Европа во прилог :
Проектите коишто беа наследени не беа доволно технички издржани, односно беа проекти коишто, ако почнеме да ги реализираме, ќе бидеме соочени со многу дополнителни работи и анекси, односно трошење на парите на граѓаните, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Анѓушев, најавивте за оваа година економски раст од 3,2 проценти. Но податоците од првиот квартал покажуваат раст од 0,1 процент, а за вториот квартал сè уште нема бројки. Возможно ли е да се достигне тој раст или економијата ќе паѓа како што оценува опозицијата?
Апсолутно е возможен. Опозицијата цени од своја перспектива, но јас можам да ви ги кажам конкретните бројки, притоа не треба да заборавиме од каде ја земaвме државата во средината на минатата година откако се формираше оваа влада, ние имавме негативни бројки на бруто-домашниот приход. Во таа смисла е многу важно да кажеме дека тогаш имавме негативни бројки -1,2 и -1,7 отсто и она што се случуваше во државата не можеше да не влијае врз економијата. Притоа требаше еден процес којшто бил во паѓање прво да го застанете, а потоа да го тргнете во позитивна насока. Да, БДП во првиот квартал беше нула, односно 0,1 отсто, но сега веќе во вториот квартал јас очекувам подобри бројки. Се надевам дека тие, кога ќе излезат од статистика, ќе го потврдат она што јас го кажувам и очекувам дека тие бројки ќе бидат околу проектираните веќе во вториот квартал, понатаму во третиот и во четвртиот квартал да ги надминат тие бројки, така што на ниво на година да направи просечна вредност од таа којашто сите ја очекувавме и ја посакувавме од над три проценти.
Но, и Светската банка ги намали проекциите и очекува раст од 2,3, а Меѓународниот монетарен фонд од 2,8 отсто.
Тие се сите околу три проценти и се во делот на статистичка грешка, така што мислам дека БДП на крајот од годината ќе биде над три проценти.
Но, зошто нема капитални инвестиции кои се потребни за поголем економски раст. Годинава има рекордно најниски капитални инвестиции во изминатите 10 години, односно во првата половина од годинава се реализирани само 65 милиони евра или 16,5 отсто од планираните инвестиции.
Сите проекти влегуваат во капитални инвестиции. Во делот на буџетот има само 400 милиони евра капитални инвестиции, додека во јавните претпријатија кои се во сопственост на владата или во акционерските друштва има многу повеќе капитални инвестиции. Така, само автопатот Кичево-Охрид е 600 милиони евра. Зошто во буџетот реализацијата на капиталните инвестиции е ниска? Поради тоа што проектите коишто беа наследени беа такви проекти коишто не беа доволно технички издржани, односно беа проекти коишто, ако почнеме да ги реализираме, ќе бидеме соочени со многу дополнителни работи и анекси, односно трошење на парите на граѓаните. Видете, во капитални инвестиции минатите години влегувале и Скопје 2014, и споменици, и Кичево-Охрид со 56 проценти разлика во цените помеѓу Синохидро и македонските подизведувачи. Ако требаше да ги продолжиме тие проекти на тој начин и да ги плаќаме тие цени и на тој начин да ги трошиме парите на даночните обврзници во Република Македонија само за да покажеме добри бројки, тоа можеби е еден пристап, но тој не беше пристап на оваа Влада. Ние имавме сосема друг пристап. Пристапот беше проектите да се коригираат, да се направат здрави договори и тие здрави договори во иднина да се имплементираат. Можам со задоволство да ви кажам дека двата круцијални капитални проекти коишто имаат значително влијание врз БДП-то, а тоа е Кичево – Охрид и договорот за градбата на железничката пруга, сега во овој дел Куманово – Бељаковце, а во иднина Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница ги ставивме во ред. Во делот Кичево – Охрид можам со задоволство да ви наговестам дека од 56 отсто разлики во цени коишто државата ги плаќа на Синохидро, а Синохидро на македонските подизведувачи, цената за сите дополнителни работи ќе ја симнеме на не повеќе од 13 проценти. Мислам дека има разлика од 56 до 13 проценти и мислам дека сите ние треба да се запрашаме каде е разликата.
Кога сме кај економијата, бенефит треба да донесе и најавениот гасовод за Тетово и Гостивар, но зошто не ги земате предвид укажувањата на екологистите дека трасата треба да се симне од Водно за да не ѝ наштети на парк-шумата, која е најблиското белодробно крило на Скопје?
Кога во нешто инвестирате мора да настапите прагматично. Ние сега имаме еден процес којшто е на средина на реализација. Процес којшто веќе има завршен проект, завршени експропријации, потпишани договори за кредитирање и изведба и вие ако во тој момент го прекинете процесот за да го преместите, да ја носите трасата, да речеме, во северниот дел на Скопје или на обиколницата, тоа значи одлагање од две, три години, можеби и повеќе. Сега прашањето е доколку гасот дојде подоцна до одредени делови од државата две-три години, колку тоа ќе предизвика деструкција на животната средина и тоа е прашање коешто легитимно треба да се постави и да се продискутира. Јас мислам многу повеќе. Инаку, ние направивме сè трасата по Водно да биде изменета за на тој начин да направи минимална штета врз тамошниот систем и сега дојдовме до тоа да се користат постојни патеки, се намали трасата од 25 метри на 10 метри, со тоа се нарушува или уништува само 1400 кубика дрва. Апсолутно сме подготвени екологистите да бидат вклучени во реализација на проектот, а при тоа Владата ќе земе обврска да пошуми минимум десет пати повеќе од тоа што ќе исече, да направи други заштитени подрачја во Матка, Сарај итн.