„Охридска банка“ за периодот од 1.1.2018 до 30.06.2018 оствари кумулативен финансиски резултат од 375,9 милиони денари и е значително повисок односно за 2,4 пати во однос на остварениот резултат за истиот период минатата година, како и во однос на планираниот каде е повисок за 70 %, што во основа е резултат на пораст на приходите од редовно работење, пониски оперативни трошоци и пониска цена на чинење на ризикот, соопшти банката преку Македонската берза.
Нето-приходите од камати на крајот од јуни 2018 година изнесуваат 582,3 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 7,5 милиони денари, или за 1,3 % со реализација на планот од 95,3 %.
Приходите од камати бележат намалување во најголем дел поради пазарниот притисокот на активните камати кај секторот Компании, како и пониските каматни приходи од пласманите во хартии од вредност, поврзано со пониските каматни стапки, и соодветно на тоа понизок обем.
Каматните трошоци бележат намалување за 1,5 милиони денари како резултат на приспособувањето на каматните стапки на депозитите од компаниите со условите на пазарот и помалиот обем на користени странски кредитни линии.
Нето-приходот од провизии и надоместоци, во износ од 151,6 милиони денари, е зголемен за 21,9 милиони денари, или за 16,9 %, во однос на истиот период минатата година, со реализација на планот од 102,2 %.
Приходите од провизии и надоместоци бележат посилен раст од 26,7 милиони денари со позитивен придонес на провизиите од платните системи, провизиите од услуги кај кредитните производи, провизии од трговци за пос терминали додека трошоците за провизии и надоместоци бележат раст од 4,8 милиони денари што соодветно имаше влијание на вкупниот нето-износ, споредено со минатата година.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 63,2 милиони денари, со реализација на планот за соодветниот период од 94,7 %.
Во анализираниот период е остварено ослободување на исправката на вредноста на нефинансиските средства во износ од 8,4 милиони денари што се однесува на депризнавање (искнижување) на ревалозирациската резерва при продажба на преземени средства.
Другите приходи изнесуваат 107,6 милиони денари и се зголемени за 59,6 милиони денари во споредба со истиот период минатата година како резултат на остварените приходи по основ на претходно отпишани побарувања.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа на крајот од првото полугодие од 2018 година изнесува 155,2 милиони денари и, споредено со истиот период во 2017 година, бележи намалување од 128,3 милиони денари, односно од 54,7 %.
Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари ‒ јуни изнесуваат 381,9 милиони денари, се во линија со планираното, а споредено со претходната година, бележат намалување од 7,4 милиони денари, или 1,9 %.
Повисоки оперативни трошоци се забележани кај трошоците за вработените, амортизацијата, трошоците за одржување, додека кај сите останати ставки се бележи намалување.