Oд 880 милиони, на над 1 милијарда евра. Трошоците за пензии во Македонија во наредните две години драстично ќе пораснат. Стратешкиот план што го објави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажува дека во 2021 расходите по основ на пензии ќе чинат 1 милијарда и 17 милиони евра. Само за споредба, годинава за оваа намена ќе се потрошат околу 880 милиони евра.
Расходи за пензии:
2018 година 879 076 910 евра
2019 година 919 631 056 евра
2020 година 968 659 349 евра
2021 година 1 016 853 008 евра
Според анализите, ќе расте бројот на пензионери, но ќе расте и дупката во Фондот за ПИОМ која години наназад се покрива од државниот буџет. Годинава таа изнесува околу 43% и ќе проголта околу 470 милиони евра. Бројот на пензионери ќе се зголеми на 335 илјади
Број на пензионери
2018 година 320.300 корисници
2021 година 335.835 корисници
Во стратешкиот план, Фондот предвидува и зголемување на вработените, од 620, на 626 работници. Токму работниците, се најслабата карика поради недоволната обученост и послабите квалификации на добар дел од вработените за што во наредниот период ќе бидат потребни повеќе средства за обуки и усовршување. Ваквите податоци според упатените се загрижувачки со оглед на континуираните предупредувања на експертската јавност дека Фондот за ПИОМ функционира на стаклени нозе. Реформите се неизбежни, но какви тие ќе бидат засега власта не открива. Единствено што се знае барем досега е дека не се размислува на поместување на старосната граница за пензионирање. Светска банка и ММФ веќе со години предупредуваат дека македонскиот пензиски фонд е неодржлив на долг рок.