Во Македонија имаме зголемување на иновативните активности кај малите и средните претпријатија и сме во рамки на просекот на ЕУ. Фокусот е ставен на малите и средни претпријатија без да се земат предвид и микро претпријатијата.
Заостануваме прилично многу од европскиот просек во делот на инвестициите во иновации, истражување и развој.
Ова денеска го изјави Андријана Богдановска од Центарот за управување со знаење од Македонија по отворањето на меѓународната конференција на проектот „Ино платформа“.
Проектот е финасиран од Европската унија преку Интерег програмата насочен кон подобрување на иновативните капацитети на малите и средните претпријатија. Проектот трае 24 месеци, почна во август 2017 година и ќе трае до август 2019 година.
Појасни дека конференцијата ја организираат на половина од проектната имплементација со цел да ги споделат нивните резултати во делот на истражувањето на националниот контекст и потенцијалот за иновации на земјите кои припаѓаат на Балканско-медитеранската област – Македонија, Кипар, Грција, Бугарија и Албанија. Во исто време ги претставуваат бета верзиите на нивните ино алатки, кои се специјално фокусирани за мали и средни претпријатија.
„Целото наше истражување заврши со пет бета алатки: Ино финансии, Ино партнер, Ино стратегија, Ино модел и Ино проект кои специфично ги адресираат овие проблематични области на делување во однос на иноватовните акативности кај самите мали и средни претпријатија и овозможуваат тие да се надминат за да имаат успешна имплементација на иновациите внатре во организациите“, рече Богдановска.
Таа информира дека дел од нивните заклучоци се оти во Македонија имаме добра макроекономска политика во однос на другите земји во регионот, а структурата на деловниот сектор најмногу е насочена кон малите и средните претпријатија бидејќи, како што рече, тие доминираат во целото милје на претпријатијата во економијата.
Според неа, потребни се повеќе инвестиции кои веќе се прават преку владините инфраструктури.
„Оваа Влада сепак направи голем напор во зголемување на инвестциите во нашите домашни претпријатија за иновативни активности. Треба создавање посериозна инфраструктура, која ќе ги поддржи овие мали и средни претпријатија. Постоењето само на Фонд за иновации не е инфраструктура и покрај тоа што тие имаат навистина многу интензивни активности во овој период“, смета Богдановска.
Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ изјави дека во 2017 година за шест пати се зголемени буџетските средства за поддршка на иновативност и на индустриското производство.
„Седумдесет и пет отсто од корисниците на овие мерки се токму малите и средните претпријатија. Малите и средните претпријатија дадоа сериозен придонес во еконмскиот раст, во пораст на индустриското производство кое е за шест отсто повисоко годинава од минатата година, но, и до пораст на извозот за околу 13 до 14 осто, што покажува дека овие мерки сигурно даваат одреден резултат“, рече Шапуриќ. Најави дека во иднина, во рамки на определбата на Владата, овие мерки ќе се надоградуваат.