„Станува збор за вложувања кои ќе имаат принос на долг рок. Во таа насока почнавме да издвојуваме повеќе средства за овие сектори. Во Буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе во однос на 2017 година за социјална и детска заштита, образование и здравство. Тоа е зголемување за околу 1,5 процентни поени од БДП. Оваа година издвоивме средства за покачување на платите во здравството, образованието и детската грижа. Ова беше неопходен чекор.
Во некои сектори платите не беа коригирани со години и уште се на ниско ниво. Ова се одразува на квалитетот на работата, како и на одливот на квалитетни кадри. Во Буџетот оваа година издвоени се и досега најмногу средства за активните мерки за вработување. Преку овие мерки, граѓаните што бараат работа можат да се стекнат со вештини и знаења кои соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот“, рече министерот Тевдовски.
Како претставник на групацијата на Светската банка, која е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој, се обрати Сирил Мулер, заменик претседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија.
Тој ја истакна потребата од квалитетното образование, кое започнува уште на предшколска возраст и придонесува за создавање на поефективен човечки потенцијал. Исто така, претставникот на Светска банка подвлече дека поактивното работење во областите на поттикнување на вештините и образованието ќе придонесе да се трансформира регионот на Западен Балкан во насока на произведување на човечки капитал, кој ќе се труди да остане во својата земја наместо својот просперитет да го бара надвор.
Во рамки на Конференцијата, на која присуствуваа и членови на Владите на земјите на Западен Балкан, домашни и странски експерти и научници, беа претставени и две презентации. На темата „Човечкиот капитал го раздвижува економскиот раст“ говореше Хари Патрионс, менаџер за едукација во Светската Банка, додека Кем Мит, менаџер за социјална заштита во групацијата, пред присутните ја претстави презентацијата „Важноста од раното инвестирање“, по што следеше отворена дискусија на главната тема на конференцијата.