Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска се обратија на конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку вложување во човечкиот капитал во Западен Балкан“, организирана од Министерството за финансии, по повод јубилејот – 25 години соработка на Република Македонија со групацијата Светска банка.
„Светската банка е наш партнер што го поддржува развојот и напредокот на Република Македонија цели 25 години. Во рамки на тоа партнерство, Светската банка помогна да се изградат многу нови патишта, училишта, градинки, да се подобрат општинските услуги, да се подобри квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, истакна премиерот Заев честитајќи го денешниот јубилеј.
Премиерот Заев порача дека целта на Владата е преку спроведувањето на економските политики да биде почувствуван финалниот ефект директно од секој граѓанин како остварена економска корист или право, со подигнување на животниот стандард на граѓаните.
„Заедно со Светска банка работиме на креирање на нова стратегија Country Partnership Framework 2019–2023, која опфаќа 35 проекти од областа на здравството, транспорт и врски, социјална заштита, труд и социјална политика, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, земјоделство и јавни финансии“, рече премиерот Заев додавајќи дека во рамки на партнерството само за регионални патишта се предвидени 70 милиони евра, кои од 2019 година ќе бидат ставени на располагање на Министерството за транспорт и врски.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, оцени дека изминатите години инвестициите во човечкиот капитал во земјава не биле доволни.
„Станува збор за вложувања што ќе имаат принос на долг рок. Во таа насока почнавме да издвојуваме повеќе средства за овие сектори. Во буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе во однос на 2017 година за социјална и детска заштита, образование и здравство. Тоа е зголемување за околу 1,5 процентни поени од БДП. Оваа година издвоивме средства за покачување на платите во здравството, образованието и детската грижа. Ова беше неопходен чекор. Во некои сектори платите не беа коригирани со години и уште се на ниско ниво. Ова се одразува на квалитетот на работата, како и на одливот на квалитетни кадри. Во буџетот оваа година издвоени се и досега најмногу средства за активните мерки за вработување. Преку овие мерки, граѓаните што бараат работа можат да се стекнат со вештини и знаења кои соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот“, рече министерот Тевдовски.
Како претставник на групацијата на Светската банка, која е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој, се обрати Сирил Мулер, заменик-претседателот на Светската банка за Европа и Централна Азија. Тој ја истакна потребата од квалитетното образование, кое почнува уште на претшколска возраст и придонесува за создавање поефективен човечки потенцијал. Исто така, претставникот на Светска банка подвлече дека поактивното работење во областите на поттикнување на вештините и образованието ќе придонесе да се трансформира регионот на Западен Балкан во насока на произведување на човечки капитал, кој ќе се труди да остане во својата земја наместо својот просперитет да го бара надвор.
Во рамки на Конференцијата, на која присуствуваа и членови на Владите на земјите на Западен Балкан, домашни и странски експерти и научници, беа претставени и две презентации. На темата „Човечкиот капитал го раздвижува економскиот раст“ говореше Хари Патрионс, менаџер за едукација во Светската банка, додека Кем Мит, менаџер за социјална заштита во групацијата, пред присутните ја претстави презентацијата „Важноста од раното инвестирање“, по што следеше отворена дискусија на главната тема на конференцијата.