Во последните десеттина години, банките масовно започнаа да го користат интернетот како средство за испорачување на своите услуги. Како последица на развојот на информациско-комуникациската технологија е појавата на електонското банкарство.
Е-банкарството претставува техника на извршување на банкарските работи, односно начин на испорака на банкарските производи. Според тоа, техниката на испорака на банкарските производи е она што ги раздвојува електронското и традиционалното банкарство.
Банките нудат различни услуги од областа на е-банкарството како, на пример:
- изводи и дневен промет во внатрешниот платен промет
- состојбата на тековните и жиро сметките на граѓаните
- состојбата на девизните сметки
- увид во банкарските регистри
- услужни програми
- курсна листа итн.
Овој вид банкарство е наменет за сите клиенти кои имаат отворено сметка во банката која нуди услуги од областа на е-банкарството.
Се што треба да направите е во вашата банка да се пријавите за користење на електронско банкарство, да добите корисничко име и лозинка за користење на услугата.
Извршувањето на банкарските услуги преку интернет има свои предности како:
- клиентот може 24 часа на ден да извршува најразлични видови трансакции, за разлика од ограниченото работно време на банките
- од големо значење за клиентите е и временската погодност, кога од одредени причини, клиентите не можат да стигнат во банките за да извршат трансакции
- друга предност е и големиот пристап, односно клиентот за да може да ги користи услугите на е-банкарството потребно е да биде поврзан на интернет, со што тој може да извршува трансакции и да биде информиран од секаде во светот
- исто така, како предност може да биде и брзината на извршување на трансакциите, со што се намалува времето потрошено на чекање во просториите на банката
- преку електронското банкарство, клиентот може да ја изврши својата трансакција за многу краток временски период од само неколку минути
- тоа им обезбедува приватност на корисниците на услугите
Истовремено, електронското банкарство им овозможува одредени придобивки и на банките: пред се, тоа се набљудува како начин на кастрење на трошоците во работењето, бидејќи ја намалува или целосно ја отстранува потребата од изнајмување простории, вработување банкарски службеници итн. Исто така, дури и кога не предизвикува намалување на трошоците, банките нудат услуги од областа на електронското банкарство за да ја одржат конкурентската положба на пазарот, односно заради одржување на постојните и придобивање нови клиенти.
Од друга страна е- банкарството има и одредени недостатоци:
- некои банкарски производи не се погодни за испорака преку електронски средства, бидејќи потрошувачите претпочитаат лични односи со банкарските службеници
- понатаму, воведувањето, одржувањето и осовременувањето на неопходната информациско-комуникациска технологија предизвикува значителни финансиски издатоци
- најпосле, од појавата на електронското банкарство, постојано се надвиснува прашањето за сигурноста на протокот на информациите при извршувањето на трансакциите