Сите фармери кои одгледуваат овци, кози, или говеда од денеска може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка за плата на овчарите. Финансиска поддршка во висина од 100% од просечна месечна нето плата во дејноста за период од 01.11.2017 до 31.10.2018 година, ќе добијат фармерите кои стоката ја напасуваат или чуваат на надморска височина од над 700 метри, односно регистрираните одгледувалишта каде се одгледува добитокот да се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри. Државна поддршка од 60 отсто од просечната плата во дејноста, како трошок за чување или напасување на добиток ( овци, кози, или говеда) ќе добијат сточарите на кои одгледувалиштата им се наоѓаат во населени места со надморска височина под 700 метри.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека поддршката е неповратна а се доделува во сооднос.
1 вработено лице на 150 овци
1 вработено лице на 50 кози
1 вработено лице на 50 говеда
Услов, како што истакна Бабовски, е и бројот на вработени лица за кои е исплатена поддршката треба да биде ист во период од најмалку една година пред годината за која е исплатена поддршката. Но, според критериумот, максималниот износ на средства е до 300,000 денари по лице за не повеќе од 20 вработени. За над 10 вработени лица помошта се намалува за 50%– истакна Бабовски
Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите регистрирани земјоделски стопанства. Апликациите може да се поднесуваат до 21- ви декември 2018- та година. Еден барател може да поднесе едно барање само за една мерка. Еден барател може да поднесе најмногу 2 поединечни барања по различни мерки земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за рурален развој за 2018 година.