Градовите се исто така клучни за борбата против климатските промени

Примената на зелени стратегии како велоалеи и подобри градежни норми и правила можат да им донесат на 94 светски града придобивки за вкупно 583 милијарди долари, додека се води борба против климатските промени, се наведува во извештај, цитиран од светските агенции.

Здружението C40 Cities ги одредува транспортот, градежништвото и индустријата како приоритети кои треба да бидат вклучени во политиката за борба против климатските промени. Тоа би поттикнала големи инвестиции и би спречило прерана смрт на 223 000 луѓе.

Студијата дава квантитативна карактеристика и бизнис оправдување на она што градоначалниците одамна знаат дека е вистина – поведување храбро дејствување против климатските промени, исто така, го подобрува јавното здравје, посочува во соопштението извршниот директор на С40 Марк Вотс.

Градовите се клучни за борбата против климатските промени според Меѓународната финансиска корпорација на Светската банка.

Над половина од светското население живее во градовите, кои консумираат повеќе од две третини од светската енергија и се одговорни за над 70 проценти од сите јаглеродни емисии, посочува Меѓународната финансиска корпорација.

Истражувачите од С40 посочуваат дека градовите треба да применуваат мерки за поттикнување на одењето пеш, возењето на велосипеди, користењето на градски превоз, да воведуваат построги стандарди за емисиите на штетни гасови, да поттикнуваат користењето на автомобили со нулта емисија на штетни гасови и да воспоставуваат области без штетни емисии.

Градовите треба исто така да прифатат строги прописи за изградба на нови згради и за обновувањето на старите, за да се подобри загревање, вентилација, нивните системи за осветлување и топлата вода, посочуваат истражувачите.

Тие истакнуваат дека компаниите и индустријата треба да користат енергетски ефикасни технологии.

Ако се фокусираат на зелениот пристап во транспортот, градежништвото и индустријата, градовите можат да ги намалат гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина со 87 проценти и опасните загадувачи на воздухот со 49 проценти, посочуваат истражувачите.