Денеска на комисиска расправа во Собранието на РМ се измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити со кој се ограничуваат високите трошоци за брзите кредити.
Со законските измени, кои ги изготви Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на пет пати од затезната камата или 55% од кредитот во моментот. Претходно, годишните трошоци не беа ограничени и можеа да достигнат и до 500% од кредитот. Со измените се опфаќаат вклучително и мали кредити под 200 евра, кои претходно не беа законски опфатени.
– Согласно постојните законски прописи, трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити како провизии, надоместоци и сл., кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци, не се ограничени. Тоа им дава можност на кредиторите да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачки кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од граѓаните како кредитокорисници имаат потешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот – рече министерот за финансии Драган Тевдовски на Комисијата за финансирање и буџет.
Поради тоа се предлагаат измени и дополнувања на Законот за да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити.
– Со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци, односно провизии, надоместоци и сл., кои ги плаќаат граѓаните и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на финансиската состојба на граѓаните кои имаат проблеми со отплата на кредитот – рече Тевдовски.