Вчера, во просториите на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) се одржа почетната конференција на Твининг лајт проектот: „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, финансиран од Европската Унија (ЕУ). Во спроведувањето на овој проект ќе учествуваат Министерството за внатрешни работи, НБРМ и Дојче бундесбанк, а проектните активности ќе се спроведат со поддршка од експерти од хрватската и од австриската централна банка.
Севкупна цел на Проектoт е да се поддржи воспоставувањето цврст и ефикасен систем за заштита на националните финансиски интереси на земјава и на финансиските интереси на ЕУ, преку ефикасно следење на фалсификувањето евра. Во рамки на проектните активности ќе биде спроведена анализа на функционирањето на системот за борба против фалсификување банкноти и монети, при што ќе се утврдат неговите недостатоци и ќе се дадат препораки за негово подобрување.
На отворањето на Конференцијата денес, на која се означи започнувањето на проектот,се обратија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицегувернерката на НБРМ Емилија Нацевска, шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар и амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Герберих. Потоа, во рамки на настанот подетално беапрезентирани проектните цели и планираните активности, како и очекуваните резултати.
Се очекува дека спроведувањето на овој проект ќе придонесе за натамошно подобрување и усогласување на правната рамка и методологијата на системот за борба против фалсификување евра, како и за унапредување на административниот капацитет во таа насока. Меѓу другото, се очекува проектните активности да доведат до подобрување и интеграција на базата на податоци и ИТ-системот што се користи за борба против фалсификување евра во земјава.
Оценето е дека овој значаен Твининг лајт проект финансиран од ЕУ ќе придонесе и за зајакнување на соработката меѓу сите релевантни домашни и странски институции. Тој е од особено значење и за НБРМ, со оглед на фактот што една од стратегиските цели на централната банка е одржувањето високо ниво на квалитет на книжните и кованите пари во оптек.
Спроведувањето на проектните активности што започнаа денес, а кои се насочени кон зајакнување на капацитетите на системот за борба против фалсификување пари, ќе трае осум месеци, за што ЕУ издвои буџет од 250.000 евра.