Согласно последно објавената Програма на мерки и активности на деловната политика и финансиски план на Комерцијална Банка А.Д. Скопје за 2019 година, доколку внимателно се прочита и проучи има некои делови кои се вредни за обсервација и соодветно нотифицирање.

Иако е несомнено дека банката е во одлична кондиција и покажува високи перформанси и солиден профит, со што го зазема лидерското место во Македонија, она што е нотифицирано во Програмата, а најверојатно ќе биде спроведувано во иднина е следното :

„рационализирање на мрежата на експозитури и филијали преку ревидирање на
работното време, реонската организација, распоредот и бројот на вработените, како и
затворање на одредени експозитури“

Ова преведено на поразбирлив жаргон би значело дека банката си создава теоретска рамка како и институционално оправдување за намалувањето на бројот на експозитури на територијата на Македонија. Дали ќе биде мерен финансискиот левериџ на експозитурите при одлуката да бидат затворени или не, останува да видиме, но овој пасус во секој случај индицира дека се планира нешто во тој поглед.

Нареден пасус кој е исто така индикативен во однос на бројот на вработени е следниот :

„од аспект на управувањето со човечките ресурси, планирано е воспоставување
проекции за продажба и таргети кои вработените ќе треба да ги остварат, при
истовремено следење и мерење на работењето преку изработка и имплементација на
Performance Management System и редовни контролни активности“

Тука во фокусот на читањето на Програмата ми одзема внимание поставувањето на таргети како и нивно квантифицирано мерење на истите. Тоа значи дека повторно се создава теоретска и планска рамка која ќе му овозможи на Банката редукција на кадрите. И тоа останува да видиме, но секако ваков пасус не е добар за вработените.

Иако овој нов феномен во банкарството го нотифицираме тука, оваа појава не е воопшто нова или чудна. По мое мислење се повеќе ќе има отпуштања и „преструктуирања“ во банките под притисокот на: примарно, пенетрацијата на фин-тек трендот т.е. се поголемата дигитализација на банките, второ, се помалиот македонски пазар поради стагнацијата и механичкиот одлив на население во странство, трето, новите мали играчи на кредитниот пазар во лицето на финансиските друштва, кои можеби беа несериозно сфатени од страна на банките или финансискиот регулатор, но истите , по мое мислење завземаат се позначаен дел во кредитирањето на населението и повеќе од сигурно имаат удел во креацијата на „неподобни“ граѓани кои поради нефункционалните кредити кај финансиските друштва, дополнително го смалуваат маневарскиот простор на банките. Овој феномен е интересен за обсервација од проста причина бидејќи и банките и финансиските друштва користат ист кредитен извештај на Македонското Кредитно Биро и имаат слични услови за одобрување, па така штом клиентот постане нефункционален со 90+ денови на доцнење, никој кредитор не сака да го кредитира.

Исто така тука би сакал да напоменам дека банката има прилично амбициозна проекција на коефициентот на ROE од минимум 10% што од друга страна ги отсликува се повисоките барања на акционерите. Дали овој коефициент е достижен на годишно ниво во Македонија со една ваква макроекономска слика, исто така останува да видиме.

Јас би му посакал на Комерцијална Банка многу успех во работата и остварување на плановите, но како поранешен вработен во банка, би им сугерирал само : People First. Значи мислете на Вашите вработени и вреднувајте ги. Профитот не е над човекот.

 

Наум Димитровски