Споредено со минатата година се зголеми за речиси 50 евра цената на квадратен метар за становите во најпрометните населби на главниот град. Инвеститорот на некои големи станбени објекти во Скопје, Фатмир Етеми, вели дека наидуваат на процедурални проблеми со добивањето дозвола за градба. Според него, тоа е главната причина за пораст на цената, бидејќи колку помалку се гради, толку повеќе расте барањето за станови, а заедно со барањето расте и цената.
Вистина е дека се зголеми цената на становите поради тоа што во последно време, давањето дозволи за градба видно е намалено. Доколку споредиме со 2013-14 година, за една година во Скопје се изградени речиси 100 високи згради, а сега годишно за високи згради се даваат скоро 10 дозволи за градба за големи објекти. Понудата на станови е многу мала, а барањето е постојано. Затоа и се зголемени цените на становите.“ –рече Фатмир Етеми, градител на станови „ЗСФКОМ“.
Другата причина за поскапување на становите според Етеми е и поскапувањето на градежните материјали. Влатко Богоевски од Фортон, консултантска компанија за недвижности, вели дека доколку ваквиот тренд продолжи да трае, цените ќе одат уште погоре.
Во текот на првиот месец од 2019 година, во цела Македонија се издадени 32 дозволи за градење на високи станбени објекти, за градежните компании. Според податоците од Заводот за статистика, од 1.071.000 станови во Македонија, 11,4% или 122.307 станови се под хипотека. Градежниците и економските експерти очекуваат натамошно поскапување на становите по зачленувањето на Македонија во Европската Унија.