Бордот на извршни директори на Групацијата Светска банка ја одобри денеска четиригодишната рамка за партнерство која има за цел поддршка за побрз, сеопфатен и одржлив раст во Mедониjа. Како што најави министерот за финансии претходно со ова на земјава и се ставаат на располагање 420 милиони долари.
Стратегијата, како што стои во соопштението од Светска банка, има за цел да ја поддржи програмата и среднорочната стратегија на Владата преку создавање повеќе можности за подобрување на животниот стандард на граѓаните и забрзување на конвергенција на приходите со Европската унија.
„Решавањето на спорот со името отвара нови можности за раст во Северна Македонија“, рече Линда Ван Гелдер, регионален директор за Западен Балкан.
Таа изрази задоволство што се во партнерство со земјата во овој, како што вели, историски момент и ќе продолжиме да помагаме за да ги искористи можностите за изградба на енергична и инклузивна економија која е целосно поврзана со регионот и светот.
Новата Стратегија има три фокусни области. Првата област ќе го подобри опкружувањето за конкурентен приватен сектор преку зголемување на поврзаноста и подобрување на пристапот до пазарите, помагајќи им на бизнисите да станат поиновативни, продуктивни и конкурентни и создавање на повеќе и подобри работни места за луѓето.
Втората област ќе ги поддржи инвестициите во човечки капитал со фокус на подобрување на обуката за образованието и вештини, обезбедување подобар пристап до социјални услуги за најранливите граѓани и поттикнување за поинклузивно учество на пазарите на труд.
Третата област ќе ја поткрепи фискалната одржливост и одржливоста на животната средина преку зајакнување на управувањето со јавни финансии и забрзување на транзицијата на земјата кон поодржлива комбинација на енергетски извори. Предизвиците од климатските промени ќе се решаваат преку инвестиции во енергетската ефикасност, обновлива енергија и транспорт и земјоделство кои се отпорни на климатски промени.
Стратегијата, во рамките на сите три фокусни области, поддржува реформи на политиките со цел унапредување на пристапната агенда на Северна Македонија кон Европската унија, дополнувајќи ги и зајакнувајќи ги напорите на Владата и останатите развојни партнери.
Како дел од Рамката за партнерство со земјата, Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка, ќе бара дополнителни можности за мобилизирање на странските директни инвестиции со цел да се генерира раст и извоз, како и да се подобри учеството на малите и средни прептријатија во синџирот на снабдување. ИФЦ, исто така, ќе го поддржи олеснувањето на трговијата и логистиката за подобрување на поврзаноста со извозните пазари и ќе го вклучи приватниот сектор во поддршка на енергетската транзиција.
„Целта на ИФЦ е да се ослободи моќта на приватниот сектор за да се забрза одржливиот економски раст и да се создадат можности за работни места“, вели Томас Лубек, региноален менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа.
Фокусот, како што додава, е на поддршка на раст предводен од извоз, забрзување на транзицијата кон обновлива енергија и подобрување на финансиската инклузивност и ефикасноста на финансискиот сектор.