Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија за оваа година утврди сет стимулативни мерки за афирмација на примарниот пазар на хартии од вредност. Имено, воведен е промотивен концепт ,, 0 денари административни трошоци за иницијалната јавна понуда,, или со  други зборови  друштвата  се  ослободени од надоместокот  кој  досега ѝ го плаќаа на Комисијата, а  тим  на КХВ  е  достапен за помош при подготовка на проспектите и  другата потребна  документација, со што е олеснет патот до иницијалната јавна понуда. Исто така, Берзата и Депозитарот ја прифатија и ја поддржаа Иницијативата од КХВ со која се предлагаше воведување на „0″ денари административни трошоци за иницијална јавна понуда.

Поконретно, Друштвото за производство и промет со земјоделски и сточарски производи “ВАРДАР” АД Градско со  втората емисија ќе издаде 1.265.423 обични акции со продажна  цена по акција од  315,00 денари , а  Акционерското друштво за земјоделско производство и трговија “Црвени Брегови” АД увоз-извоз С. Црвени Брегови Неготино 56.177 обични акции со продажна цена од 3.145 денари.

Вкупната вредност на двете емисии е 575.284.935 денари или 9.355.048 евра, што значи дека се зголемува  берзанскиот материјал за тргување.

 

Инаку, при запишувањето и распределбата ќе се применува моделот на фиксна цена со примена на принципот на приоритет на поголема количина и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот. И двете јавни понуди ќе се сметаат за успешни, доколку се запишат и уплатат најмалку 60 проценти од понудените акции.

 

Комисијата за хартии од вредност ги охрабрува друштвата да го користат пазарот на капитал како извор на финансирање на  нивното работење и во иднина  е подготвена  за поддршка и помош во процесот на „отворање за јавност” односно издавање хартии од вредност по пат на јавна понуда.