“Светот е веќе во средина на војна со валути. Преовладува мислењето дека девалвацијата на валутата е полесен начин за стимулирање на економијата„ предупреди во четвртокот претседателот на американската инвестициска банка Голдман Сакс – Гери Кон на Светскиот економски форум во Давос.
Предупредувањето на Кон стигна истиот ден кога Марио Драги претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), објави план за дополнително печатење на повеќе од 1,1 милијарди евра од март 2015 до септември 2016 година , и доколку е потребно и повеќе се со цел за економска обнова на Еврозоната. Веднаш после објавата на Марио Драги, еврото падна на најниско ниво од 2003 година, додека златото и среброто веднаш поскапеа.
Голдман Сакс предвидува дека еврото веќе до Нова Година ќе вреди колку еден долар. Еврото за време на 2014 година изгуби 18 проценти во вредност во однос на американскиот долар. Само во последните 30 дена, еврото падна 8,5 проценти во однос на американската валута.
ММФ на почетокот од оваа година излезе со проценка дека глобалната економија во 2015 година ќе расте побавно одколку што Бретон Вудс предвиде минатата есен (3,5 наместо 3,8 проценти). Исклучок, според ММФ, е Америка, која би требало да забалежи раст од 3,6 проценти, наместо 3,1. ММФ во еврозоната очекува низок економски раст од 1,2 проценти (без оглед на падот на цената на нафтата), наместо есенските предвидувања од 1,3 проценти.
Вака, ново ослабеното евро ќе стане најновиот линк во глобалната војна на валути, потег со кој според Алекс Вебер, поранешниот гувернер на Бундесбанка, ЕЦБ само им купува време на политичарите кои немаат план на структурни реформи за заживување на економијата. А таков план немаат и политичари во многу други делови на светот. Веројатно затоа централните банки на Индија, Канада, Данска, Швајцарија, Кина … во последните неколку недели повлекоа серија на драстични потези кои ја изненадија берзата: дали станува збор за намалување на референтната каматна стапка, отргнување на паритет со еврото, вбризгување на големи суми на пари за да се обезбеди ликвидност.
Сега поефтиното евро значи, на пример, дека германските извозници на автомобили стануваат директна конкуренција на јапонските и американските производители на возила. Примери кога девалвираната валута го поттикнува извозот на производите на одредени земји, непосредно уништувајќи ја понудата на другите земји, има многу.
Зајакнувањето на доларот се заканува да го поткопа силниот раст на американската економија и извозот. Имено, како американскиот бизнис да се справи со конкуренцијата, која драстично ја намалува вредноста на својата валута и дефлацијата ја извезува на други?
“Во арената на се повеќе манипулации на валути од целиот свет, официјален Вашингтон треба да спроведе нова сопствена ефективна валутна политика”, се вели во списанието Foreign Affairs.
Во меѓувреме, инвеститорите, како и обичните луѓе, уморни од најновите немири во глобалниот пазар на валути, овие денови повторно се враќаат на докажаниот кризен џокер златото.