Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, во седиштето на Советот на Европската Унија во Брисел учествуваа на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција. Овој настан секоја година се одржува во рамки на разгледувањето на Програмата за економски реформи на земјите кандидатки за членство во ЕУ. Тој претставува завршен состанок за годишно оценување на макроекономските политики и структурните приоритети, на кој од една страна учествуваат претставниците на земјите членки на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка, а од друга страна претставниците од централните банки и надлежните министерства од земјите на Западен Балкан и Турција.
На годинешниот Дијалог ќе бидат презентирани оцените на земјите за исполнувањето на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Се очекува учесниците на настанот да ги усвојат заедничките заклучоци од годинешниот циклус на разгледување на Програмата.
Предвидено е во рамки на настанот да се одржи и тематска дискусија за структурните реформи коишто ќе ги спроведуваат земјите кандидатки за членство во ЕУ, со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии. Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе има свое обраќање и активно ќе учествува во дискусијата, осврнувајќи се на придонесот на централната банка во овој домен кај нас, како преку одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, така и преку вклученоста во реформите во финансиската сфера.
Во Брисел таа ќе оствари и одделни средби со повеќе свои колеги од Европа, со цел јакнење на меѓународната соработка на Народната банка.