Утрово започна Дванаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, којашто ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија. Претставниците на централните банки од евросистемот и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море повторно се собрани со Охрид, за да споделат мислења и да дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена.
Годинава, конференциската програма е на тема „Отворени врати за менување на платежниот пејзаж“ и со неа е предвидено до среда активно да се дискутира и да се изнесат бројни експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата.
„Финансиските технологии и иновации му даваат нов изглед на финансискиот сектор, создаваат нови даватели на услуги, деловни модели, нови производи и решенија, со што се менува целиот финансиски екосистем… Налетот на финансиски иновации од нови играчи, но и од актуелните даватели на платежни услуги на пазарот создава големи промени во финансиската индустрија.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на своето обраќање со кое ја отвори Конференцијата. Притоа, таа нагласи дека во овој контекст, во центарот на вниманието на годинешново конференциско издание е прифаќањето на промените, односно отворањето на вратите за финансиските иновации во платежниот пејзаж, истовремено спречувајќи нарушување на финансиските пазари и на целокупната финансиска стабилност.
„Новиот бран на дигитализација може да има големо позитивно влијание врз економијата – поттикнува иновации и продуктивност, ги трансформира јавните и приватните услуги, придонесува за поголемо финансиско вклучување на домаќинствата со недоволен пристап до услуги и главно, за подобрување на благосостојбата на општеството овозможувајќи поголем пристап до информации, знаење и податоци. Придобивките одат рака под рака со предизвиците на работните места и потребните вештини, оданочувањето, финансиските пазари и поттикнуваат нов начин на размислување за тоа како да се зачуваат основните права, како што се приватноста и безбедноста, како и монетарната и финансиската стабилност.“ – нагласи Ангеловска-Бежоска, констатирајќи дека финансиските иновации поткрепени со дигитализацијата имаат потенцијал постепено да го преструктурираат финансискиот сектор.
Притоа, во своето обраќање, таа се осврна и на податоците за развојот и инвестицијата на финтек, коишто според неа потврдуваат дека финансиските иновации го менуваат амбиентот не само за потрошувачите, туку и за традиционалната банкарска индустрија и за носителите на политиките, коишто се соочуваат со нови предизвици. Коментирајќи за предизвиците за банкарскиот сектор коишто произлегуваат од развојот на финтек, гувернерката посочи дека многу важен фактор којшто најверојатно ќе ја обликува иднината на традиционалното банкарство е начинот на кој банките пристапуваат кон финансиските иновации и колку ги прифаќаат, било директно и самостојно, или преку соработка со нови финтек-компании. „Не само што финтек-компаниите ќе се обидат да се однесуваат како банки, туку и банките ќе се обидат да се однесуваат како финтек-компании.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.
Кон завршницата на обраќањето, таа нагласи дека Народната банка и Министерството за финансии и натаму работат заедно на Предлог-законот за платежните услуги и платните системи којшто ги транспонира одредбите од Директивата за платежни услуги 2, како и другите релевантни регулативи на Европската Унија во областа на плаќањата.
Гувернерката соопшти и дека следејќи ги примерите на централни банки од Европската Унија, Народната банка е во процес на формирање Работна група којашто внимателно ќе го следи развојот на финтек, во соработка со институциите коишто планираат да воведат нови услуги. Ова ќе им помогне на таквите институции подобро да ги разберат регулаторните услови, но во исто време ќе овозможи Народната банка соодветно да ги осознае развојните процеси на финтек, преку оцена на ризиците и прекројување на регулаторната рамка.
На отворањето на Конференцијата којашто традиционално има меѓународен карактер, се обрати и Михаил ван Дувервен од Банката на Холандија, при што меѓу другото посочи дека е особено важно централните банки да ги стимулираат дигиталните плаќања. Според неговите оценки, Северна Македонија прави многу за модернизација на националните платежни системи и производи и треба да продолжи така. Дувервен посочи и дека комбинацијата на инстант плаќањата и пристапот до сметка согласно со Директивата за платежни услуги 2 дополнително ги отвора вратите за нови и модерни платежни продукти.
Во текот на денешниот конференциски ден, свои експертски излагања ќе имаат претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставници на Европската комисија и на Европската централна банка. Програмата за утрешниот конференциски ден ќе започне со обраќања на министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, по што меѓу другото свое обраќање ќе има и претставник на Банката за меѓународни порамнувања, а ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.
Во среда, дел од експертите ќе дискутираат за неколку клучни прашања за новите трендови во платежната сфера и во одделни работни групи, по што ќе бидат изнесени и заклучните согледби од годинешното конференциско издание.