Според Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, сигурно е дека од 1 јули ќе имаме нова цена на електричната енергија во земјава, која што ќе зависи од повеќе фактори, но најмногу  од  тоа по која цена на аукцијата идната недела ЕВН ќе ја набави струјата од Електрани на Македонија 

Од први јули македонските домаќинства ќе ги снабдува со електрична струја новата компанија EVN Home која произлезе од ЕВН Македонија. Тоа значи дека од овој датум новата компанија ќе ги дава известувањата што и претходниот универзален снабдувач ЕВН Македонија ги давал на потрошувачите. Граѓаните треба да   знаат дека концептот на сметките и доставување на фактурите останува ист како и досега само што ЕВН Македонија е промени називот на компанијата.

Во исто време во Регулаторната комисија на енергетика се готви новата цена на електричната енергија која што треба да се применува од први јули годинава. Марко Беслимоски претседател на РКЕ не открива дали ќе  има зголемување или намалување, но тврди дека нема да има ценовни шокови.

– Она што е сигурно е дека од 1 јули ќе имаме нова цена на електричната енергија. Во овој момент EVN Home организира постапка за набавка на електрична енергија, при што Електрани на Северна Македонија се обврзани да понудат  на аукција, в среда идната недела најмалку 80 проценти електрична енергија. Потоа ние ќе го знаеме најбитниот елемент во пресметките на цената на електричната енергија, а тоа е набавката на струјата, односно по која цена ќе се понуди струјата од Електрани на EVN Home, кои од 1 јули и официјално добиваат лиценца за работа – објасни Бислимоски.

Според него во досегашниот период се анализирани само трошоците за набавка на загуби на електрична  енергија. Заради зголемени цени на регионалниот пазар на струја тие годинава се далеку повисоки од претходните години и кај МЕПСО и кај ЕВН Македонија.

– Сепак не очекуваме да има и со новите одлуки  ценовни шокови што е  и концептот на новиот закон за енергетика, при што Електрани на Македонија да произведуваат повеќе струја за домаќинствата и индустријата – дополни Бислимоски и нагласи дека она што радува е што има сериозно намалување  на трошоците  на рудниците на ЕСМ  од над сто милиони евра  на сегашни  околу 75 милиони евра.

Тој очекува ЕСМ да даде подобра понуда на струјата во споредба на останатите потрошувачи.

Беслимоски најави дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги  разгледува правила за снабдување со електрична енергија бидејќи  се воведува нова веб платформа svic.mk  со која им се дава можност на сите снабдувачи да ги објавуваат своите понуди со електрична енергија на слободниот пазар на струја. Понудите што снабдувачите ќе ги достават ќе бидат обврзувачки при склучувањето на договорите со потрошувачите. Платформата ќе почне да функционира од почетокот на јули.

– Оваа платформа ќе нуди и споредба  на цените што ги нудат различни снабдувачи и она што е битно ќе нуди споредба на цените на потрошувачите на слободниот пазар на електрична енергија и на регулираниот пазар на електрична енергија. Значи, домаќинство ќе може да спореди  дали му се исплати да оди на слободен пазар  или ќе остане на регулираниот пазар, што пак ќе зависи од понудите на снабдувачите како и од постоечката цена на регулираниот пазар на електрична енергија – објасни Бислимоски.

Исто така ќе има и измена на правилата за снабдување со електрична енергија во делот на начинот на функционирање на новиот универзален снабдувач. Известувањата на потрошувачите кои што имаат долгови кон ЕВН Македонија, кој сега е универзален снабдувач на регуларниот пазар, ќе може да го прави и новиот снабдувач со цел да не се прават нови трошоци за потрошувачите.

Инаку, со либерализацијата на пазарот на струја комерцијалните потрошувачи кои што излегоа на слободниот пазар  трошоците за набавка им се намалени до 30 проценти.