Во првите пет месеци од годинава, за капитални инвестиции се потрошени само 58 милиони од предвидените 422 милиони евра, односно само 13,7% од предвидените пари. Во истиот период минатата година, за капитални инвестиции биле потрошени 54 милиони евра, односно 13,8 проценти од предвидените за целата година.
Лани беа потрошени само 66% од предвидените пари за инвестиции.
„Реализацијата на капитални инвестиции се мери на годишно ниво и владините очекувања се дека годинава тие ќе бидат многу подобро реализирани од претходната. Динамиката на реализација е различна кај ресорите, затоа е некомпарабилно да се прави пресек. Преземени се мерки, веќе е подобрена динамиката и се очекува до крај на година да имаме добри резултати“, велат од Министерството за финансии, така што засега нема одговор која институција колку потфрлила во реализацијата на капиталните инвестиции.
Во синоќешното гостување на ТВ24, министерот Сугарески рече дека во првата половина од годинава неговото министерство реализирало 26 отсто од предвидените инвестиции за целата година.
Во првите 6 месеци лани, Министерството за економија реализирало само 0,4% од капиталните инвестиции, Министерството за земјоделие 1,5%, Министерството за одбрана – 2,2%, Министерството за образование 7,9%, Министерството за транспорт и врски 12,3%, Министерството за здравство 14,9%, а Министерството за животна средина 17,4% од планираните инвестиции за целата година, Министерството за внатрешни работи – 56,6%, Министерство за култура – 41,2%, а Финансирањето на дејности од областа на културата 30,7%, а пак Министерство за локална самоуправа ги потрошило речиси сите пари за капитални инвестиции во првата половина од годината – 98,8%.