Трендот на зајакнување на швајцарскиот франк врз основа на неодамнешната одлука на швајцарската централната банка се повеќе се заканува на стабилноста на швајцарските банки кои се познати по тоа.
Според Financial Times, аналитичарите и банкарите проценуваат дека одлуката на ШЦБ да се откаже од фиксниот курс на франкот во однос на еврото на ниво од 1,2 франци има многу сериозни последици за малите швајцарски банки, на чии вработени им се закануваат отпуштања, а на некои банки и пропаст.
Всушност, голем дел од трошоците на швајцарските банки се врзани за франкот, додека повеќето од приходите ги остваруваат во евра. Според оценката на рејтинг агенцијата Moody′s, најмногу ќе “страдаат” банките Julius Baer, Zürcher Kantonalbank, но и глобално присутните Credit Suisse и UBS.
Потпаролот на најголемата приватна банка во Швајцарија Julius Baer , потврди за британските медиуми, дека раководството на банката ја разгледува можноста за отпуштања, како една од мерките за намалување на трошоците поради скокот на франкот.
Според мислењето на Christian Hintermann, партнер во консултанската куќа KPMG, големите банки некако ќе преживеат, но најголемата опасност се однесува на помалите банки, со помалку од 10 милијарди франци капитал. Hintermann додава дека банките кои најмногу ќе ги почуствуваат негативните последици од растот на франкот ќе изгубат помеѓу 10 и 15 проценти од приходот од провизија.