Според првичните податоци од подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство жетвата на житните култури е во полн ек. Јачменот во 2019 година е засеан на околу 60.000 хектари. До денеска се ожненани околу 80 % од површините, при што е остварен просечен принос од околу 3,3 тони по хектар. Пченицата е засеана на околу 70.500 хектари. Жетвата на пченицата е во полн ек и до денеска се ожнеани околу 30% од засеаните површини со остварен просечен принос од околу 3,5 тони по хектар во зависност од регионот. Според првичните проценки оваа година се очекува производство од пченица да се движи од 240.000 до 250.000 тони или за околу 4% поголемо производство од 2017 година.
Дел од мленичарските компании веќе имаат започнато со откуп. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, во моментов откупната цена се движи од 9 до 10 денари за килограм во зависност од тоа дали е пченицата прва, втора или трета класа, и се очекува да расте цената со оглед на тоа што е почеток на жетва на пченицата. Инспекторите од ДИЗ се постојано на терен со цел да го контролираат откупот и дали секоја компанија што откупува ги има навреме истакнато откупните цени.
Пред почетокот на жетвата во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, беа одржни состаноци на Потсекторската работна група за жита во којашто членуваат претставници од стопанските комори, земјоделски здруженија и од секторите од МЗШВ. Агенцијата за стокови резерви минатата недела го објави јавниот оглас за набавка на 7.165 тони меркантилна пченица за обнова на потребите на стоковите резерви, што во овој период ќе влијае позитивно на пазарот на пченица во делот на зголемување на откупната цена.