На стоковите пазари во вторникот какаото се тргува по цена од 2577 долари за метрички тон, што е за 4,63%  повеќе во однос на нивоата при отварање на берзата. За последните шест месеци поскапувањето е со 8%. Прашањето е на што се должи овој нагорен тренд кај една од главните состојки во производството на чоколадо.

Водечките светски производители на какао Гана и Брегот на Слоновата Коска се обединаа во напорите во обид да ја зголемат цената на какаото. Според владите на двете земји тоа ќе ги зголеми приходите на земјоделците и ќе го намали детскиот труд, соопшти минатата недела The Washington Post. Очекувањата се дека овој потег ќе даде на западноафриканските фармери повеќе фер удел во глобалните добивки од производството на чоколадо.

Светската индустрија за производство на чоколадо е еквивалентна на околу 100 милијарди $ годишно, но многу од стотиците илјади западноафрикански производители на какао живеат во сиромаштија.

Како почеток картелот меѓу двете држави се очекува да ја утврди минималната цена за тон какао на 2600 долари, што е за околу 10% над светската цена во моментот на прогласување на предлогот. Засега нема решение во однос на воведувањето на минимална цена, а има идеја да биде понудена субвенција на фармите во износ од 400 долари, кога цените на какаото се под 2600 долари за тон, но недостасуваат детали како точно ќе работи овој механизам.

“Целта е да се заштитат производителите и нивните семејства од различни флуктуации во цените на какаото,” изјавил Бенџамин Вокер, претставник на Брегот на Слоновата Коска за The ​​Washington Post.

Сепак за сега не се очекува корисниците да забележат значајна промена во цената на чоколадото, бидејќи какаото е само една од многуте негови состојки.

Според податоците на Министерството за труд од 2015 година над 2 милиони деца биле ангажирани во одгледување на какао во западноафриканските региони.

Не е јасно, меѓутоа како точно предложената од владите цена на какаото ќе ја намали сиромаштијата кај земјоделците.

Во Гана и Брегот на Слоновата Коска бербата на какао е високо регулирана. Во Гана владин совет ја одредува цената и потоа го продава какаото на извозниците, обично по повисоки цени. Во Брегот на Слоновата Коска извозот на какао се оданочува со сериозни давачки.

Иако генерално го поддржуваат зголемувањето на цените, некои од производители бараат владите да излезат од бизнисот со какао и да престанат да дејствуваат како посредници меѓу нив и светскиот пазар.