Бразилците Педро Франчески (22 г.) и Енрике Дубуграс (23 г.) ја основаа финтек компанијата Brex во САД во 2017 година, а нивните удели сега вредат по 430 милиони долари.
Немаат комплетирано ниту една година на колеџ, но Енрике Дубуграс, 23-годишен и Педро Франчески, 22 – годишен, родени во Бразил, а сега претприемачи во САД, се најсјајните ѕвезди на стартап небото во Силициумската долина во моментов. Тие се основачи и директори на Brex Inc., финтек стартап којшто неодамна беше проценет на вредност од 2,6 милијарди долари, а има многу интересна приказна зад себе, како што пишува Bloomberg.
Дубуграс имал само 14 години кога ја формирал својата прва компанија за креирање на онлајн видео игри, но ја затворил откако добил закани за тужби поради кршење на авторски права. Набрзо, се здружил со Франчески во нова бизнис авантура – платежен процесор Pagar.me, стартап којшто пораснал до бројката од 150 вработени пред да биде продаден во 2016 година. Потоа двајцата се запишале на Стенфорд Универзитетот во Калифорнија, но не успеале да ја поминат ниту првата година затоа што се посветиле на новиот потфат, Brex. Brex, којшто го лансираше својот прв производ минатата година, стана хит меѓу финтек стартапите, катапултирајќи ги неговите основачи во рангот на најбогатите млади претприемачи – барем на хартија. Денес нивните удели во компанијата се проценуваат на по 430 милиони долари, според анализата на EquityZen, пазарна платформа за акции на технолошки компании што се уште немаат излезено на берза.
Им го олеснија трошењето на компаниите, потенцијалот за раст на бизнисот е огромен
Главен продукт на Brex е кредитна картичка за стартапи и нивни вработени којашто се заснова на податоци во реално време, за разлика од традиционалните кредитни рејтинзи – credit score. Картичката на Brex не бара никаков вид на лична гаранција или депозит како колатерал и работи во мрежата на Mastercard. Нивната технологија ги поедноставува често фрустрирачките аспекти на корпоративните трошоци со тоа што им овозможува на компаниите да имаат консолидиран увид во нивното трошење. На крајот на секој месец, на пример, директорот може лесно да види колку целата компанија потрошила на такси превоз со Uber. Освен тоа, Brex може да им даде на претприемачите кредитен лимит и до 10 пати повисок од она што би го добиле на друго место, а стартапите може да издаваат сопствени виртуелни картички, веднаш откако онлајн апликацијата е комплетирана.
Една од главните причини за рапидниот скок на вредноста на Brex, како што велат основачите, е потенцијалот да се прошират и за други бизниси.
„Ние сакаме да доминираме во светот на корпоративните кредитни картички“, вели Дубуграс. „Сакаме секоја компанија во светот, кога и да прави корпоративни трошоци, да го прави тоа со картичка од Brex“.
Растот на “чедото“ на Дубуграс и Франчески е вртоглав дури и според стандардите на Силициумската долина, каде што напуштањето на колеџ за да се лансира стартап стана своевидно клише. Brex, формиран пред две години, стана една од најбрзо растечките американски стартапи којшто достигнал вреднување поголемо од една милијарда долари, влегувајќи во престижното друштво на еден Uber, како и Lime и Bird Rides, стартапи што се прославија со услугите за изнајмување електрични тротинети.
Во 2017 година Brex беше проценет на 25 милиони долари, според податоците на PitchBook. Последната рунда на прибирање капитал на стартапот, му ја вивна евалуацијата на повеќе од две милијарди долари.
Компанијата неодамна промовираше и кредитни картички за e-commerce компании, како и компании од областа на природни науки. Дубуграс има кажано во една прилика дека новиот бизнис на Brex во е-commerce делот сега веќе носи една третина од приходите на стартапот.
Уште еден финтек генијалец, Макс Левчин, којшто на 23 годишна возраст своевремено ја формираше компанијата што на крајот ќе стане всушносрт PayPal, е инвеститор во Brex, како и Питер Тил, исто така еден од основачите на PayPal.