Нов тендер за изградба на фотоволтаици, овој пат на приватно земјиште. Јавниот повик ќе се објави следната недела, а може да аплицира секое физичко или правно лице. Земјиштето за изградба на фотоволтаици може да е сопствено или под закуп, а физичките лица треба да ја докажат и финансиската способност за инвестицијата. На тендерот нема ограничувања ниту за површината и локацијата на земјиштето, ниту, пак, за инсталираната моќност.
-Критериумот ќе биде кој ќе бара најмала субвенција од државата, односно најмал премиум над пазарната цена на електричната енергија. Тие ќе може електричната енергија да ја продаваат на офтејкерот, односно оној снабдувач кој ќе биде одреден со сигурност да им јакупи, но тоа не е за нив облигација, тоа е само заштита за инвеститорите. Доколку не успеат на друго место да ја продадат својата електрична енергија, тогаш ќе имаат гарантиран откуп кај тој снабдувач, офтејкер, објасни вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Тендерот опфаќа 4 категории фотоволтаични електрани од различна инсталирана моќност, со цел големите да не им конкурираат на помалите инвеститори. Надлежните најавуваат дека проектот ќе продолжи бидејќи интересот за изградба на фотоволтаици е голем.
-Создадовме потполно нова политика што се однесува до стимулација на производството или инвестирањето во обновливите извори. Тоа е доказ имајќи ги предвид последните податоци што ги имаме дека веќе над 150 компании подигнале тендерска документација што се однесува до првиот јавен повик за градење фотоволтаични централи на државно земјиште, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Доколку се изградат предвидените 200 мегавати обновливи извори на енергија, надлежните очекуваат дека максималното буџетско оптоварување за субвенции би било помалку од 3 милиони евра на годишно ниво.