Уште минатата година беше најавено дека Владата на Република Македонија како дел од стратегијата за борба против загадениот воздух воведе најразлични поволности за купување на нов автомобил и вградување на плински уреди.

Сега, актуелниот министер за економија Крешник Бектеши за медиумите ги претстави првите детали за оваа мерка.

Тој наведе дека секој кој ќе го замени старото возило со ново ќе има можност да добиве субвенција од 2 илјади до 3 илјади евра. При тоа тој индиректно наведе дека овие субвенции нема да важат за купување на скапи автомобили.

Иако не ги прецизираше условите и критериумите, најверојатно ќе постојат неколку критериуми. Пред се апликантот би се оценувал според месечните приходи на ниво на семејство, бројот на автомобили во семејството како и староста на автомобилите и тоа дали тие (не) ги исполнуваат строгите еколошки мерки. При тоа ќе се субвенционира купување на автомобили само до одредена сума кои исполнуваат ЕУРО5 и ЕУРО6 еколошки стандарди.

Покрај купувањето на нов автомобил, со цел исполнување на ЕУРО4 и ЕУРО5 еколошките стандарди, Министерството ќе субвенционира и вградување плински уреди во автомобилите. За таа цел субвенцијата ќе изнесува 50% од износот за вградување, но не повеќе од 300 евра. Овие средства ќе бидат целосно неповратни средства.

Овие мерки би можеле да бидат достапни на граѓаните на Македонија уште оваа година, но само под услов да се случи ребаланс на буџетот. Во спротивно, финансиските средства за спроведување на овие мерки ќе бидат вградени во буџетот за следната година.