Анализа на финансиските резултати на НЛБ Банка АД Скопје

за периодот 01.01 30.06.2019 година

Во периодот од 01.01.2019 до 30.06.2019 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2019-та година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и на пазарните услови во земјата. Банката, во анализираниот период  ги оствари планираните оперативни и финансиски цели, при што е зачувана висока ликвидност, стабилност и солвентност.

Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 963.243 илјади МКД, што е за 20,1% над планот, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија и на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите.

Како иновативна и современа банка, која е во чекор со светските трендови, НЛБ Банка АД Скопје ја прошири својата понуда со уште еден канал за комуникација и сега е достапна на Вибер. Истовремено, Банката го промовираше и првиот банкарски електронски асистент – НЕЛА која е на располагање 24/7 и е подготвена да одговори на сите прашања поврзани со производите и услугите. Како иновативни предводници на новите трендови и технологии, овој пионерски чекор на НЛБ Банка АД Скопје, има за цел да ја промени сликата на секојдневната комуникација на релација банка – клиент.

НЛБ Банка е прва и единствена банка на пазарот која ги интегрира двата картични бренда Visa и MasterCard во мобилниот паричник NLB Pay. Оваа нова и единствена функционалност овозможува да се дигитализираат сите Visa и MasterCard платежни картички издадени од НЛБ Банка АД Скопје во мобилниот паричник NLB Pay и да се плаќа бесконтактно, само со доближување на мобилниот телефон до ПОС терминал во земјата и во странство.

Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати беа наградени од:

 

  • Македонска берза – Награда „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентна компанија – 3-то место
  • Македонска берза – Награда за членки со најголем остварен промет – 3-то место
  • Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2018 каде НЛБ Банка АД Скопје, трета година по ред, e избрана за Најдобра банка во Македонија
  • Euromoney во Лондон, каде НЛБ Банка АД Скопје беше прогласена за Најдобра банка во Македонија за 2018 година
  • Македонската Асоцијација за човечки ресурси – МАЧР ја одликуваше НЛБ Банка АД Скопје со плакета „Компанија ориентирана кон луѓето“.

Биланс на состојба

Заклучно со 30.06.2019 година билансната сума изнесува 82.492.730 илјади МКД, односно се зголеми за 666.767 илјади МКД или 0,8% во однос на 31.12.2018 година.

Во однос на планот за периодот билансната сума е повисока за 0,7%.

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 17.682.346 илјади МКД и  бележат пад од 3,1% во однос на 31.12.2018.

Во однос на планот се повисоки за 5,3%.

Кредитите и побарувањата од банки бележат зголемување од 123.222 илјади МКД како резултат на зголемени краткорочни депозити во странска валута и се повисоки во однос на планот.

 Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 51.054.292 илјади МКД и бележат намалување од 0,8% во однос на 31.12.2018. Во однос на планот вкупните кредити се пониски за 5,4%, и тоа поради понискaтa реaлизација во делот на кредити на правни и физички лица.

Вложувања во хартии од вредност се зголемени за 31,3% и изнесуваат 10.453.770 илјади МКД, како резултат на вложување во еврообврзници издадени од Република Северна Македонија. Во однос на планот се повисоки за 45,5%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 19,3% главно поради сметководствено оштетување на средствата преземени по 01.01.2010 година, чија нето вредност согласно регулаторните одредби треба да се сведе на нула во пропишаниот рок односно во период од пет години. Во однос на планот за периодот се пониски за 80,9%.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) се зголемени за 1.249.135 илјади МКД или за 1,9% и изнесуваат 68.097.527 илјади МКД. Во однос на планот за периодот се повисоки за 2,1%.

 Обврски по кредити се намалени за 126.880 илјади МКД или за 13,0%. Во однос на планот за периодот се пониски за 22,5%.

Субординираните обврски се зголемени за 2.994 илјади МКД или за 0,2%.

Во однос на планот за периодот се пониски за 0,3%.

На 13.06.2019 година, НЛБ Банка АД Скопје склучи Договор за субординиран заем со Нова Љубљанска Банка д.д. Љубљана на износ од 615.000 илјади МКД, со период на доспевање од 10 години чија намена е истиот да биде замена на постоечкиот Субординиран заем кој Банката го има аранжирано со International Finance Corporation (ИФЦ) на истиот износ. Со аранжирање на Субординираниот заем од Нова Љубљанска Банка д.д. Љубљана,  се изврши намалување на трошоците на дополнителниот капитал на Банката како и пролонгација на рочноста на субординираниот инструмент до 2029 година.

 

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се намалени за 4,8% и изнесуваат 10.568.875 илјади МКД. Во однос на планот за периодот се пониски за 5,7%.

 

 Биланс на успех

Нето каматните приходи, заклучно со 30.06.2019 година се повисоки за 2,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 1,1%, главно поради повисоки каматни приходи од секторот население, останати финансиски институции, вложувања во хартии од вредност и наплатени претходно отпишани камати, додека расходите по камати се пониски за 7,5% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Во однос на планот нето каматните приходи се пониски за 4,5%.

Нето приходите од провизии се повисоки за 0,6%, при што приходите од провизии се зголемени за 4,5% како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување. Расходите за провизии се повисоки за 12,9%, главно поради повисоки расходи поврзани со картично работење, девизен платен промет и кеш центар. Во однос на планот нето приходите од провизии се пониски за 6,3%.

Останатите некаматни приходи изнесуваат 125.845 илјади МКД и се пониски за 76,9% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварена добивка од продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд во март 2018 година. Во однос на планот се повисоки за 12,1%.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 2.135.371 илјади МКД и се пониски за 15,0% во однос на истиот период претходната година. Во однос на планот се пониски за 4,2%.

 Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 949.143 илјади МКД и се повисоки за 7,1% при што трошоците за вработени се повисоки за 5,1%, трошоците за амортизација се пониски за 7,3%, останатите расходи од дејност се повисоки за 12,9% во однос на истиот период претходната година. Во однос на планот вкупните оперативни трошоци се повисоки за 0,4%.

Заклучно со 30.06.2019, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 111.501 илјади МКД соодветно на структурата и порастот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 4.458 илјади МКД.

Нето добивката на Банката заклучно 30.06.2019 година изнесува 963.243 илјади МКД и е пониска за 18,1% во однос на  истиот период претходна година поради остварена добивка од продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд во март 2018.

Во однос на планот нето добивката за периодот е повисока за 20,1%.

 

 Очекувања за претстојниот период

 НЛБ Банка АД Скопје согласно својата стратегија во фокусот на работењето го има задоволството на своите клиенти и континуирано и посветено работи на изнаоѓање најоптимални решенија за секој поединечен клиент. Банката во следниот период ќе продолжи да ги следи светските технолошки трендови, и како современа и креативна банка ќе биде посветена на дигитализацијата и унапредување на банкарските процеси.

Паралелно со постојаното надградување на дигиталните сервиси, континуирано ќе ја осовременува мрежата на експозитури која моментално претставува најдоминантен канал за достапност и продажба на продуктите и услугите на Банката. Со тоа на своите клиенти, Банката им дава избор да се одлучат за новите и современи или за традиционалните начини на контакт и работење со Банката, во зависност од нивните навики, потреби и преференции.

Во периодот кој следува, се очекува Банката да продолжи со интензивни кредитни активности, како во сегментот на претпријатија така и кај физичките лица, засилена продажба на полисите за животно, неживотно и пензиско осигурување, како и поинтензивно користење на услугите на платните сервиси адекватно на сезонските движења во економијата, што ќе придонесе за континуирано позитивно работење и остварување на планираните цели утврдени за наредниот период.

Во фокусот на Банката ќе биде и одржувањето или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република Северна Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста. Како и досега, интензивно ќе се работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на развој на информатичкиот систем на Банката.

 Известување за промени во сметководствените политики и методи

 Во анализираниот период Банката нема промени во сметководствените политики Банката изврши промена на сметководствената оцена на корисниот век на употреба на материјалните средства.

 

 Исплатени дивиденди

 НЛБ Банка АД Скопје на ден 28.06.2019  година изврши исплата на дивиденда согласно Одлуката за распределба на дивиденда и утврдување на дивиденден календар на НЛБ Банка АД Скопје за 2018 година. Вкупниот износ на дивиденда кој им се исплаќа на акционерите изнесува 1.484.358 илјади МКД. Износот на бруто дивиденда по акција изнесува 1.738,00 МКД.

 Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

 Недвижностите и опремата заклучно 30.06.2019 бележат намалување од 2,4% споредено со 31.12.2018.

 Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

 

/

Скопје, 31.07.2019 година