Извршителите лани од граѓаните, фирмите и другите должници наплатиле околу 127 милиони евра, стои во Годишниот извештај на Комората на извршители.

Ова, како што се наведува во Извештајот, е реализирано само од 55,69 отсто од предметите дадени за извршување.

Најмногу пари се наплатени од фирмите 78,7 милиони евра. Од граѓаните се наплатени 33,4 милиони евра, додека од државата се наплатени 15,9 милиони евра.

Најдобра наплата имаат извршителите од Штип и Свети Николе со реализација на наплатата на долговите од 21,12 отсто. Најслабо се наплатува долгот во Велес, Кавадарци Неготино каде што извршителите реализирале 5,81 од долгот.

Во полза на државата лани се наплатени 2,3 милиони евра. Во стопанството се вратени 103 милиони евра, додека кај граѓаните завршиле 22,4 милиони евра.

Лани кај извршителите завршиле 112.250 барања за извршување, од кои тие реализирале 62.515 предмети или 55,69 отсто.

Повеќе од една година траело извршувањето на 37.775 предмети, 4.655 предмети биле извршени за период до една година, 3.981 предмет се извршени за период од 3 до 6 месеци, а за три месеци се извршени 16.061 предмет.

Од Комората на извршители тврдат дека се скусува времетрењето на решавањето на предметите, но граѓаните се жалат дека со одоговлекување на реализацијата на предметите од нив се цицаат дополнителни пари за камати и други издатоци.

Во земјава се регистрирани 97 извршители кои се распоредени на 11 подрачја на основните судови.