Платите за вработените во јавниот сектор ќе се зголемат за 5 проценти, почнувајќи со исплата на платите за месец септември 2019 година. Владата ја најави оваа корекција на платите на буџетарите уште лани, при носењето на Буџетот за годинава. Нацрт-измените на Законот за исплата на плати се веќе ставени на електронскиот регистар на прописи, ЕНЕР.
Со Буџетот за годинава, расходите за исплата на плати беа проектирани на ниво од 28,4 милијарди денари (461 милион евра). „Ваквото зголемување се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведување на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и НАТО“, беше образложението за ова зголемување.
За некои сектори, зголемувањето на септемвриските плати ќе биде второ годинава.
Од јануари годинава е зголемена основната плата на здравствените работници, здравствените соработници и помошниот технички персонал во здравството. Лекарите специјалисти добија зголемување од 10 проценти, медицинските сестри на клиниките – 8 проценти, а преостанатите медицински сестри – 5 проценти. Сите други здравствени работници добија 5-процентно зголемување.
Вработените во градинките од јуни добија за 16 отсто повисоки плати, или околу 3.000 денари во нето-износ по вработен. Со зголемувањето во септември, вработените во детските градинки во Македонија добиваат зголемување на платите од 21 отсто во 2019 година.