“Предлог-одлуката за усвојување на Акцискиот план со сите постапки и активности кои ќе бидат преземени во наредниот период е дел од дневниот ред на 30-тата седница на Советот на Општина Охрид која ќе се одржи во четврток (8 август). На дневниот ред на оваа седница е и предлог-одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, која исто така е во согласност со владините препораки“, велат за весникот ВЕЧЕР од Општина Охрид

Мораториум на донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, е предлог-одлуката која ќе биде ставена на гласање пред советниците на Општина Охрид. Оваа одлука ќе се гласа заедно со Акцискиот план во кој се опфатени сите постапки и активности кои ќе бидат преземени во наредниот период. Неговото донесување и спроведување беше и еден од клучните услови Охрид да не биде ставен на листата на загрозено светско наследство поради дивоградбите во заштитениот појас. УНЕСКО на Охрид му даде рок до февруари 2020 година.

Од Општина Охрид вчера за весникот “Вечер“ посочија дека согласно со препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, локалната самоуправа по дадените задолженија на Владата го изработи Акцискиот план во зададениот рок.

“Предлог-одлуката за усвојување на Акцискиот план е дел од дневниот ред на 30-тата седница на Советот на Општина Охрид која ќе се одржи на 8 август. На дневниот ред на оваа седница е и предлог-одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, која исто така е во согласност со владините препораки“, објаснуваат од Општина Охрид.

Од Општината исто така додаваат дека во Регистарот на нелегални градби кој го изготвиле има објекти за кои од периодот од 2006 година до мај 2019 година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Во тек е, како што велат, ревизија на целокупниот регистар, а за сите понатамошни постапки додаваат, јавноста ќе биде дополнително информирана.

Хотелиерите, пак, деновиве бараа Генерален урбанистички план за охридското крајбрежје.

Од Хотелската асоцијација на Македонија-ХОТАМ посочуваат дека ситуацијата е статус-кво веќе неколку години, поради што се оневозможува изградбата на нови хотелски капацитети што, пак, директно влијае врз развојот на туризмот.

Охридските власти, пак, велат дека Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште при Општина Охрид ќе започне со изработка на урбанистички планови за крајбрежен појас како и урбанистички планови, но по донесување на Планот за управување со Охридскиот регион, заедно со Стратегијата за оценка на влијанието на животната средина на овој план и новата Стратегија за развој на туризмот во Охрид (2020-2025).

 

Извор:  Вечер.мк