Три балкански земји се зафатени од „Африканска свинска чума“,а надлежните во Македонија, но и во регионот ги превземаат сите мерки за заштита на свињите од болеста.
Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски вчера рече дека во земјава нема „Африканска свинска чума“, но дека министерството и институциите се во постојана комуникација за поголема заштита и нови информации.
Една од мерките кои ги превземе земјава за превенција е отпочнувањето порано на ловењето диви свињи, како едни од најголемите преносители на оваа болест, која е опасна по свињите, но не и по здравјето на луѓето.
Засилени се контролите на граничните премини, не смее да се внесуваат преработки од месо и сувомеснати производи кои содржат месо од свињи.
Веќе се разговарало со Агенцијата за храна и Јавното претпријатие за паркинзи за нови превентивни мерки, ќе се контролира и отпадот од туристите низ паркинзите.
Министерот, истакна дека се прави cе за да се спречи болеста во земјава, земајчи ги искуствата од државите каде веќе се појавила болеста.
Африканската свинска чума е сериозна закана за македонското свињарско производство.
И во соседна Србија е вклучен алармот за „Африканската чума“. И таму се превземаат сите мерки за заштита.
Затегнати се царинските контроли и препорачани заштитни мерки на фарми и ловишта.
Тамошните власти, велат дека туристи од државите во кои беснее ова животно заболување нема да можат да внесат во Србија ниту сендвич од свинско месо.
Главната препорака и совет е да се чуваат свињите затворени во фармата, како и редовно да се дезинфицираат.
Веќе подолго време, оваа болест е регистрирана во Унгарија, Романија, Бугарија, земји поблиски до Македонија, но исто така „Африканската чума“ е регистирана и во Словачка, Белгија, Литванија, Летонија, Полска, Украјна и Молдавија.