НЛБ Банка ги зголеми нето приходите од камати и по тоа е единствена од банките што објавија полугодишни финансиски извештаи. Значајно е тоа што банката ги зголеми вложувањата во хартии од вредност и минимално го намали кредитирањето, а депозитната база порасна и достигна 1,1 милијарди евра. Добивката за првото полугодие е 15,7 милиони евра и тоа досега ја прави поуспешна од големиот ривал „Комерцијална банка“
НЛБ Банка книжи раст на нето приходите од каматии тоа ја прави единствена со позитивен тренд во однос на каматите од банките што досега ги објавија полугодишните биланси кои се достапни на веб страницата на Македонската берза. За првите шест месеци годинава оваа голема деловна банка има нето приход од камати во износ од 24,11 милиони евра и тие се за 670.000 евра поголеми во однос на истиот период лани. Менаџментот на оваа банка успеал да ги зголеми и нето приходите од провизии и надоместоци кои пораснале за речиси 50.000 евра и за првите шест месеци годинава изнесуваат 8,56 милиони евра. Значајно да се истакне е и тоа што НЛБ Банка за првите шест месеци има нето приход од курсни разлики кој е поголем за 100.000 евра од лани и изнесува 1,33 милиони евра.
Во овој период има значајно намалување на останатите приходи од дејноста и тие се за речиси 10 пати помали од истиот период лани и изнесуваат 772.000 евра. Оваа ставка е и главен причинител за намалената добивка на банката за првото полугодие годинава во споредба со истиот период лани. Добивката по оданочување за првото полугодие е е15,7 милиони евра и таа е за 3,4 милиони евра пониска од профитот во истиот период лани. Добивката по акција, по оданочување, за првата половина од годинава е 18,3 евра.
Кај расходната страна на билансот на успех евидентни се кратења на трошоците кај резервациите и кај загубата заради оштетување на нефинансиски средства. Резервациите во првата половина годинава се 2,7 пати пониски во однос на истиот период лани и изнесуваат 1,8 милиони евра. Сличен е соодносот во однос на лани и кај загубата заради оштетувања на нефинансиски средства која годинава изнесува 72.500 евра, а лани во овој период била 242.600 евра. Банката продолжува со својата позитивна корпоративна практика за зголемување на трошоците за своите вработени кои сега се 6,85 милиони евра и се за 332.000 евра повисоки во однос на првото полугодие лани. Останатите трошоци исто бележат раст во однос на лани за 811.000 евра и изнесуваат 7,1 милиони евра.
Што покажува билансот на состојба?
Третата најголема банка во земјава (според вкупните средства) на крајот на јуни годинава ги зголемила вложувањата во хартии од вредност (државни записи и обврзници н.з.) за 40,5 милиони евра во однос на крајот на 2018 година и тие изнесуваат 170 милиони евра. По ова прашање НЛБ Банка има многу слична деловна политика како и „Комерцијална банка“: Кредитното портфолио на половина година тежи 830,15 милиони евра и е за 6,6 милиони евра помало во спроедба со состојбата на крајот на 2018 година. Кредитите кон други банки, иако се мала ставка, бележат солиден раст и изнесуваат 12,5 милиони евра. Депозитната база достигна 1,1 милијарди евра и во однос на 31 декември 2018 година таа е поголема за 19 милиони евра.