Топлото време посебно ги погоди пролетните окопни култури, сончогледот и пченката, како и градинарските култури на отворено.
И земјоделството е на удар од високите температури што деновиве надминаа 40 степени. Почвата е дехидрирана. Нема вода. Агрометеоролозите апелираат да се наводнува секаде каде што има услови.
Топлото време посебно ги погоди пролетните окопни култури, сончогледот и пченката, како и градинарските култури на отворено. Не се поштедени ниту овошките, а најмалку трпи виновата лоза.
Ваквите температурни услови и топлата вода не му одговараат ни на оризот. Според агрометеорологот од УХМР, Ангелко Ангелески, пред неколку години, кога беше исто вака жешко, имаше многу „крш” при лупењето на арпата. Забележан беше голем растур на зрното.
– Ова е периодот кога овошките формираат родни пупки за наредната година. Затоа треба да се обрне посебно внимание. Да се обезбеди доволно вода за убаво да се оформат цветните пупки. Во спротивно, догодина цветањето и плодонесењето ќе бидат редуцирани, објаснува Ангелески.
На раните сорти винова лоза, дополнува, им годат ваквите услови зашто се во фаза на зреење. За подоцнежните сорти кои се во полна зрелост, можеби бранот врнежи што се најавува ќе им ја донесе потребната влага иако во подлабоките слоеви на почвата влага се уште има во одредени количини.
Ангелески порачува да се наводнуваат и дрвцата во парковите кои, евиденнто, веќе ги отфрлаат новооформените ливчиња за да ја спречат транспирацијата и да се одбранат од високите температури.
– И во овој сегмент мора да се преземат мерки, дрвцата по парковите редовно да се наводнуваат зашто е жално, ливчињата што ги пуштиле, сега да ги отфрлаат за да се самоодбранат, истакнува Ангелески.