Во периодот од 01.01.2019 до 30.06.2019 година Стопанска банка АД – Скопје оствари нето добивка пред оданочување во износ од 1.171.487 илјади денари, што претставува намалување за 38,8% споредено со нето добивката остварена во анализираниот период минатата година.
Намалениот резултат во тековниот период се должи на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци во првиот квартал од 2018, кога СБ склучи договор за продажба на своите побарувања со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат.
Биланс на успех
Нето приходите од камати изнесуваат 1.819.754 илјади денари, односно се намалени за 4,3% во однос на истиот показател од 2018 година, при што приходите од камати забележаа намалување од 5,2%, додека расходите од камата забележаа намалување од 10,2%.
Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 537.114 илјади денари и се повисоки за 7,8% од истите во 2018 година како резултат на остварен пораст на нето провизиите и надоместоци од услугите.
Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 42.909 илјади денари и се намалени за 29,4% во однос на претходно анализираниот период, пред се како резултат на намалувањето на маргините.
Останатите приходи од дејноста забележаа намалување од 15,1%, додека останатите расходи од дејноста забележаа зголемување за 11,4%.
Трошоците за вработени на СБ изнесуваат 420.073 илјади денари.
Во анализираниот период СБ покажа исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето основа во износ од 410.916 илјади денари соодветно на структурата и порастот на кредитната изложеност.
Загубатата поради оштетување на нефинансиски средства, на нето основа изнесува 6.152 илјади МКД.
Билансот на состојба
Вкупната актива на СБ изнесува 94.336.338 илјади денари, која е повисока споредено со крајот на 2018 година за 3.794.751 илјади денари или 4,2%. Зголемувањето на активата е резултат на порастот на паричните средства и парични еквиваленти кои споредено со крајот на 2018 година се повисоки за 2.377.429 илјади денари односно за 12,3%, како и на зголемувањето на кредитите и побарувањата од други комитенти кои изнесуваат 64.731.693 илјади денари и се повисоки за 1.067.513 илјади денари или 1,7% во споредба со крајот на минатата година.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 220.608 илјади денари и бележат зголемување во однос на крајот на 2018 година од 23.519 илјади денари.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 6.379.593 илјади денари и споредено со минатата година бележат зголемување за 509.650 илјади денари или 8,7%.
Превземените средства врз основа на ненаплатени побарувања изнесуваат 66.416 илјади денари.
Во истиот период позицијата вкупни депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) која изнесува 78.717.633 илјади денари забележа пораст во однос на крајот на 2018 за 2.555.755 илјади денари или 3,4%.
Капиталот и резервите изнесуваат 14.103.671 илјади денари при што е забележано зголемување за 9,1% во однос на крајот на 2018 година.
Вложувања или продажба на материјални средства(недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата заклучно со 30.06.2019 година бележат намалување во однос на 2018 година за 15.819 илјади денари односно 1,8%, главно како резултат на пресметана амортизација.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити изнесуваат 249.780 илјади денари и се помали во однос на крајот на 2018 година за 15,7% што се должи на отплатени доспеани рати по основ на кредитните линии.
Стопанска банка АД – Скопје ќе го продолжи своето работење во рамките на зацртаната проекција на деловната политика, фокусирана пред се на обезбедување на понуда на производи и услуги наменети на своите клиенти, а истовремено ќе работи на воведување на иновации следејќи ги процесите и трендовите во светот. Исто така, Банката ќе продолжи со своите општествено корисни активности преку организирање на настани и манифестации од вредност и значење за пошироката општествена заедница.