Цените на нафтата на меѓународните пазари во четвртокот паднаа на 59 долари за барел, притиснати од американските залихи и можното зголемување на производството од страна на Саудиска Арабија.
На лондонската берза цената падна за 1,52 долари за барел во споредба со претходното затворање, на 59,01 долари. На американскиот пазар цената на нафтата падна на 50,04 долари, што е за 2,10 долари пониско во однос на предходниот ден.
Вниманието на пазарите беше фокусирано на извештајот на Американскиот институт за нафта (API), кој покажа скок на залихите минатата недела за 14,3 милиони барели, многу повеќе отколку што се очекуваше. Доколку тие податоци ги потврдат и државните институции, тоа ќе биде нивниот најголем пораст од 1982 година откога се започна со собирање на овие податоци.
“Залихите ja активираа ценовната корекција надолу. Во фокусот е повторно презаситеноста, но големото прашање е колку долго”, објаснува Карстен Фрич од Commerzbank Франкфурт.
Дополнителен притисок генерираа и пресметките на консултантска фирма PIRA дека производството во најголемиот светски извозник на на нафта Саудиска Арабија е се поблиску до нивото од 10 милиони барели дневно.